08.08.2011, 19:01 Амнестијата ги подели прилепските бранители
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Прилепските бранители во воениот конфликт се револтирани од усвојувањето за Законот за амнестија на четирите хашки случаи, но ставовите на двете здруженија, сепак, се поделени. Од здружението „Карпалак“, во кое членуваат стотина преживеани бранители, учесници во конвојот, кој пред 10 години беше нападнат од албанските терористи, велат дека ќе поддржат секаков чекор и законско решение доколку е во интерес на државата.
„Не сметаме дека овој чекор е добар, но не се мешаме во одлуките. Се оградуваме од политичките партии, од политиката на досегашните и на идните влади. Ние сме невладино, непартиско здружение и се бориме само за правата на бранителите. Има револт, едно незадоволство, но ако е во интерес на државата, тука сме за да поддржиме се'“, изјави Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“.
Но, според Здружението на резервните воени обврзници, одлуката за амнестија на хашките случаи е непромислена. Тие прашуваат кои биле реалните основи за да се донесе вакво решение со кое се девалвираат загинатите бранители, а се амнестираат злосторниците. Велат дека оваа политичка одлука би ја прифатиле само под услов виновните да се извинат пред јавноста.
„И денес ние ги признаваме Албанците како наши сограѓани, како рамноправни во оваа заедница. Но, за да видиме дека нивните намери се искрени, ги повикуваме ако сакаат да имаат амнестија, да се јават злосторниците по име и презиме, да појдат на местата каде што направија злосторство, да се поклонат и да им оддадат достојна почит на тие луѓе“, изјави Светозар Ѓорѓиоски, портпарол на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001/2002 година.
Но, сите прилепски бранители и натаму бараат да добијат статус на борци зашто, според нив, на Македонија и' се случи војна, а не воен конфликт. Тие се упорни во барањата за остварување голем број права во здравството, образованието, социјална сфера, бидејќи најголем дел од нив немаат средства за сигурна егзистенција.
Делегации на двете здруженија, семејствата, претставници на АРМ, на Владата, политички партии и граѓани вчера пред спомен-плочата во центарот на Прилеп положија венци и свежо цвеќе оддавајќи им почит на загинатите бранители. |