26.06.2012, 17:55 Министерот за здравство - шеф на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМН��
И владејачката партија, девет месеци порано, ги почна подготовките за локалните избори, за кои кандидатите за градоначалници ќе се избираат на конкурс
Никола Тодоров, министер за здравство и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде шеф на Републичкиот изборен штаб на партијата на локалните избори 2013 година. Одлуката била донесена на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат изборот падна на Тодоров, за разлика од досегашната практика во ВМРО-ДПМНЕ - шеф на Централниот изборен штаб да биде генералниот секретар на партијата.
Со тоа владејачката партија, девет месеци порано, ги почнува подготовките за изборите, додека опозицијата веќе одржува митинзи низ градовите во државата и ги промовира своите кандидати за градоначалници.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија вчера и дека ИК донел одлука за објавување повик за пријавување кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на партијата, кандидат за градоначалник може да биде секој граѓанин кој ги исполнува условите пропишани со Устав и закон, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ или кој не е член на ниту една политичка партија, но се согласува и ги поддржува политиките, заложбите и програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Потребно е, рече тој, заинтересираните кандидати да поседуваат углед, авторитет и морален дигнитет во местото каде што живеат и работат, односно во општината за која аплицираат.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пак, беше вчера во Куманово, каде што опозицијата протестираше викендов, и предаде во употреба нова спортска сала. Груевски, потоа, изјави дека неговиот ривал од СДСМ, Бранко Црвенковски, бил на работ на бездната во политичката кариера. „Жал ми е што на човекот по 21 година му текна дека политичка партија во основа мора да биде блиска со народот и не смее да биде елитистичка“, рече Груевски. Според него, лидерот на СДСМ е подготвен да вети и да каже се' само, како што рече, да не го доживее својот политички крај. (П.Р.) |