26.06.2012, 18:07 Тешки времиња за македонските медиуми
Македонија влезе во турбуленција на која не и се гледа крајот. Медиумите се појавуваат и исчезнуваат на начин целосно неповрзан со потребите на пазарот.
Во исто време, новинарите и натаму работат во услови на економска небезбедност во медиуми финансирани од нејасни извори. Ова се наведува во последниот извештај на Репортери без граници, во кој се анализира состојбата со слободата на информирањето во земјава.
„Во ситуација на се' поголема напнатост меѓу Македонците и Албанците, два настани кои се случија неодамна ја зголемија загриженоста во врска со слободата на медиумите - одземањето на лиценцата на А2 телевизија и недостатоците на предлогот за декриминализација“, се додава во извештајот објавен на 25 јуни годинава. Во него од вкупно 179 земји, Македонија е рангирана на 94-то место. Друштво и праваат Израел, Либан, Доминиканската Република и Албанија. Сите земји од поранешна Југославија се повисоко рангирани од Македонија на скалата на Репортери без граници, а меѓу првите 40 се наоѓа Словенија.
Поставувајќи ја дилемата дали неодамнешната спогодба меѓу ЗНМ и Владата за декриминализација е договор или привидна реформа, Репортери без граници, наведуваат дека предлогот за легализација на медиумските прекршоци е голем напредок, но тоа во голема мера ќе има негативни ефекти поради големината на паричните казни кои се замена за затворската казна.
По шест месеци на интензивна дебата, Владата и Здружението на новинари постигнаа договор за предложените законски реформи за декриминализација на клеветата. Нацрт-законот ќе биде разгледан од страна на Советот на Европа и ќе биде предмет на јавна дебата пред да бидат доставени до Собранието.
„Европската унија, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Европскиот суд за човекови права нагласуваат дека казните наметнати за навреда и клевета мора да биде пропорционални, инаку новинарите кои земаат мали плати не ќе бидат способни да се борат против широко распространета самоцензура, доколку се соочат со казна која е десет пати поголема од големината на нивната плата“, се наведува во извештајот.
Според предлог-законот, клеветата повеќе нема да биде кривично дело казниво со затвор и со објавувањето на извинување или демант може да избегне казната.
Казните пак изнесуваат 2.000 евра за новинари кои напишале навреда, 10.000 евра за уредникот кој ја објавил и 15.000 евра за сопственикот на медиумот. Репортери без граници бараат казните да бидат пропорционални согласно платите на новинарите.
Репортери без граници смета дека причината за одземање на лиценцата на А2 дадена од страна на Советот за радиодифузија е апсурдна и нечесна. Образложението за недоволно емитување програма, според нив, ги засилува сомневањата околу независноста на Советот, кој беше ставен под контрола на Владата со реформите во јули 2011 година.
|