28.11.2012, 17:06 Многу сопки за препораката за Македонија
Вчера во Брисел не беа напишани само заклучоците за Македонија, Србија и за Косово
Слободанка Јовановска
Земјите членки на Европската унија доцна синоќа требаше да расправаат за препораката на Европската комисија за Македонија, и иако не се очекува нивниот став да заврши како заклучок, расправата треба да биде сигнал дали се реални или не очекувањата на декемврискиот самит во Брисел да се добие одлука за преговори за членство.
Според извори од Европскиот совет, вчера не беа готови само заклучоците за Македонија, Србија и Косово, а во нашиот случај тоа е позитивна вест, бидејќи колку подалеку отиде прашањето на нивоата во ЕУ, толку ќе бидат поголеми шансите препораката на еврокомесарот Штефан Филе да не заврши како претходните години.
Шефот на дипломатијата Никола Попоски и вчера го отвораше патот за датумот за преговори, овојпат главно лобирајќи во Европскиот парламент во Комисијата за надворешни работи, како и на средба со Стефано Санино од Директоратот на проширување на ЕК.
Единствен што јавно ги процени шансите на Македонија е претседателот на европскиот парламент, Мартин Шулц од германската опозициска Социјалдемократска партија, но не од Брисел туку од Вашингтон, каде учествуваше на јавна дебата. Шулц, кој е познат по тврдите ставови кон проширувањето и по прогнозата дека на Македонија ќе и' требаат 20 години да влезе во ЕУ, и овојпат изрази скептицизам дека декемврискиот самит може да биде пресуден за препораката на ЕК, со порака дека нашето прашање се' уште не е решено.
„Имав голема надеж дека Македонија може да биде одличен пример за мултиетничко општество, со устав кој е основа за взаемно почитување на различните етнички групи и со политички систем кој ги намалува разликите и овозможува заеднички цели. Ова е духот на договорот од Охрид. Сепак, посветеноста на двете етнички заедници е намалена, а проблемот со името останува нерешен, и затоа не можам да ви дадам надеж. Со приемот на Хрватска следната година, апсолутно е невозможно да им кажеме „не“ на другите поранешни југословенски држави, историски е невозможно да ги одбиеме“, додаде Шулц.
Генерално, тој блокирањето на балканските земји го објасни со политичката криза во ЕУ и со фактот дека за секое почнување преговори треба согласност од сите земји членки, а секогаш се наоѓаат една или две што имаат проблем. „Вашиот сосед има огромен проблем со вашето име Македонија“, појасни Шулц. Тој, како претставник на опозицискиот блок во ЕП нема влијание на политиката на Берлин, но сепак во голема мерка ги спроведува ставовите на германската влада, која според последните информации се' уште се колеба каков став да заземе околу Македонија.
Министерот Попоски вчера имаше и посебни средби со бугарските европарламентарци за да го стиши гласот на критиките во ЕП, кои се најбучни токму од преставниците на Софија. Андреј Ковачев од владејачката партија на Бојко Борисов претходно преку соопштение порача дека „граѓаните на Република Македонија треба да станат дел од Европската унија“ и дека тој процес ќе ги излекува раните нанесени од минатото. „Не можеме сепак да допуштиме во обединета Европа да се влезе со националистичка реторика која е заснована на тоталитарна идеологија", изјави Ковачев.
Каква е пак позицијата на Букурешт и дали по тројната средба во Софија меѓу шефовите на дипломатиите на Романија, Грција и Бугарија, може да се соочиме со студен туш како што и се случи на Србија во ЕУ, се' уште е нејасно прашање, иако од оваа земја и вчера демантираа.
„Не сум портпарол на министерот за надворешни работи, не се ни согласувам со некои од неговите гестови, бидејќи сум од опозцијата. Ја добив истата информација, која на крајот беше демантирана од романскиот министер за надворешни работи. Ние гледаме дека Грција и Бугарија вршат притисок за да го блокираат почетокот на преговорите, поаѓајќи од националистички конфронтации кои, како што знаете, не ги сакаме во Европа“, изјави вчера за Дојче Веле романскиот европратеник Кристиан Да Преда. Тој притоа нагласи дека Романија нема да ја блокира Македонија во ЕУ.
„Македонците се наши пријатели и Романија беше меѓу првите кои ја признаа македонската држава. Мислам дека ќе ја поддржиме во Советот и другите европски институции“, изјави Преда. За него е неразбирливо да се блокира една земја поради прашања поврзани со историјата и малцинствата. |