24.09.2012, 17:11 Едиторијал
Задоволни бизнисмени
Соња Маџовска
На премиерот Никола Груевски му олесна, ги увери бизнисмените дека државата ќе им ги врати долговите и по основ на ДДВ и за извршените работи. Откако го слушнаа ветувањето на премиерот, околу 700 стопанственици од салата во "Александар палас" излегоа задоволни што конечно ќе ги добијат парите кои со месеци ги чекаат, а кои веднаш треба да ги платат, бидејќи и тие некому должат.
Владата објави нова економска стратегија, која треба да биде одговор на кризата. Дека стопанството ни е болно, дека државата со месеци не им исплаќа на компаниите, ниту за извршените работи, ниту го враќа ДДВ-то, тоа веќе се знаеше. Впрочем, како и дека должничко-доверителскиот лавиринт е толку заглавен што болното ткиво ќе мора да се спасува со операција наречена "ново задолжување".
Премиерот го потврди она што бизнисмените го зборуваат веќе подолго време. А тоа е дека повратот на ДДВ доцни по три до четири месеци, а според некои информации дури и повеќе. Овој натрупан долг сега ќе се расчистува, како што е соопштено со нов долг. Груевски имаше доблест да се соочи со грешката што ја направи кон стопанството, а тоа е да го игнорира долгот, иако се' уште е своевидна енигма колкава е точната сума што ја должи државата кон компаниите од бизнис заедницата.
Премиерот долгот кон бизнисот го оправда со тоа што од друга страна под налетот на кризата не настрадаа други категории. Не се намалени пензиите, социјална помош и субвенциите на земјоделците, ниту бројот на вработени во администрацијата. Иако ова последново е дискутабилно. И не само што во кризен период овие категории не настрадаа, туку пензионерите в година ќе добијат и зголемување од 7 отсто.
Тоа е во ред и засега е главната причина за социјалниот мир во земјава.
Но, ако веќе се прави анализа на состојбите, треба да се каже дека Владата, всушност, уште на стартот при креирањето на буџетот за оваа година тргна со преголем оптимизам, а не се откажа од непродуктивните проекти, како што е изградбата на споменици. Вистина, тоа и создаде работа на градежната индустрија, но стана јасно дека тоа темпо не може да се одржи на долг рок. Градежните компании сега се јавуваат како најголеми доверители, кои си ги бараат парите за извршените работи.
Во целата оваа ситуација, Светската банка се јавува како "жирант" за околу 200 милиони евра, за кои ќе се задолжи државата кај странските банки. Ваква гаранција таа даде и минатата година кога Владата се задолжи кај Дојче и Сити банк за 130 милиони евра. Светските банкари и овој пат покажаа дека и' се големи пријатели на земјава, за нив е важно што Македонија и натаму ќе остане макроекономски стабилна држава, и што ќе биде меѓу земјите со најниска задолженост. Точно е тоа дека земјава се' уште е рангирана меѓу оние со ниска задолженост. Но, според последните податоци објавени на интернет - страницата на Министерството за финансии, јавниот долг се искачи над 30 отсто. А новото задолжување од уште плус 200 милиони евра дополнително ќе го зголеми и долгот и ратите, кои еден ден ќе мора да се вратат.
За бизнисмените задолжувањето на надворешните финансиски пазари е добар потег, со оглед на тоа што тие ќе си ги повратат парите, но главното прашање е дали државата ќе може да ги враќа ратите, кога ќе стигнат за исплата. Дали македонската економија ќе расте доволно за да одговори на предизвикот? |