24.09.2012, 17:10 Антипод
Сепаратизмот во криза
Димитар Чулев
Има држави и држави. Во првите, и секоја помисла на сецесија, федерализација, отцепување, па и со насилни средства е ерес. Во вторите, овие движења се третираат како теренски модел за човекови и малцински права
Една изјава денес, а може и во наредните денови, веројатно, ќе предизвика констернирани реакции на европски политичари и дежурни аналитичари кои ќе се обидат од аспект и во рамките на актуелното милје да ја „објаснат“ воинствената изјава на еден полковник
„Независност на...? Преку мене мртов. ...Не е ниту Југославија ниту е Белгија. Дури и кога лавот спие, не провоцирајте го, бидејќи ќе ја покаже свирепоста што е докажана со векови наназад“
Изјавата звучи многу примитивно од уста на полковник на една земја од ЕУ и има еднаква тежина како и забеганото барање на пакистанскиот министер за транспорт, кој поддржувајќи ја фатвата врз авторите на филмот „Невиноста на муслиманите“ понуди сопствени 100.000 евра за нивно ликвидирање. Секуларно забеганиот министер веќе е на тапет... да видиме дали шпанскиот полковник кој се противи на идеите на самостојна Каталонија ќе биде осуден.
Ова е голем тест за ЕУ. Унијата која е во криза мораше да смета и на симпатичниот детаљ дека осиромашувањето на населението и континуираната рецесија претставуваа подна почва за заживување на радикалните и екстремните режими кои вината за сопствената мака ја бараат во „расни“ теории и во идеи за бегање од заедничката држава која ја идентификуваат со репресивен режим. Значи, во подем се неонацисти, националисти, антиимиграциски мерки, обвинувања дека за се' се виновни азилантите - „полскиот водоинсталатер“ (кој ја урива цената на трудот), романските и бугарските Роми кои ги експедираат назад, виновни се и оние 15.000 бегалци по „Арапската пролет“ кои побараа спас или се давеа на бреговите на италијанскиот остров Лампедуза.
Но, да се вратиме на изјавата на шпанскиот министер (иако неговата изјава без локација и без име на држава) може да се употреби како универзална закана во сите земји и во сите региони каде што малцински, а богами и поголеми, групации сметаат дека географското вклучување кон оваа или онаа држава и не било најсреќното решение. На планетата, според некои истражувања, постојат најмалку 5.500 јазици и веројатно исто толку комуни кои својата култура ја базираат на јазичната и културната различност од матичните држави. Постојат барем 200 детектирани кризни подрачја во кои идеите за сепаратизам не само што не се мртви туку и заживеаја по косовскиот преседан во 2009 година. Аналитичари и политичари предупредуваа дека менување на границите по системот задоволување на желбите и атавизмот на одделни групации сериозно се заканува на меѓународното право и поредок.
Но, да се вратиме на шпанскиот генерал и заканите кон каталонските сепаратисти кои пред две недели организираа марш на 1,5 милиони поддржувачи на идејата „Каталонија Република“. Веднаш да кажеме, во услови кога земјата е во криза, и кога секој четврти Шпанец излегува на протести на „разочараните“, многу е лесно да се организира протест на „indignasosite” на кои ќе им се пушти сторијата дека сега е момент Каталонија да се одлучи на чекорот „без Шпанија“ со што би се исправила историската неправда со која еднаш одамна ова парче од Пиринејскиот Полуостров беше анектиран кон големото шпанско царство, кое, да не заборавиме, ја откри и богами ја анектираше цела Средна и Јужна Америка.
Заканувачката изјава на полковникот (се вика Аламан Кастро) личи на онаа на конквискадорите и не остава простор за разговори. Уште повеќе, потсеќа на периодот на една Шпанија под фашистичкиот режим кој функционираше до средината на 1970-тите години. Франко владееше дури 30 години по Втората светска војна и падот на неговите идеолошки соработници, Хитлер и Мусолини.
Значи, изјавата за „лавот што спие, не провоцирајте го, бидејќи ќе ја покаже свирепоста што е докажана со векови наназад“ е застрашувачка и од неа не треба да се плашат само оние што сега се обидуваат да ја протуркаат идејата за референдум за осамостојување на Каталонија.
Провинцијата со 7,5 милиони жители кои себе не се сметаат за Шпанци бараа осамостојување и во 1898 и во 1931 година, одново и по падот на генералисимус Франко, и сега. Има невестувања дека делот од Шпанија околу Барселона има проблем со централната власт, се најавува референдум по следните избори, од Брисел било побарано стручно мислење дали е возможно и легално демократско осамостојување.
Засега нема одговор, а официјален Мадрид не само што не сака да разговара туку и го одби барањето за поголема финансиска самостојност на Каталонија. Со демократски методи, се разбира (исто како што и Лондон го убедува Глазгов дека има право да распишува референдуми од локален интерес, но не и за сецесионистички теми), и со некоја воинствена изјава на непознат полковник.
Станува јасно зошто Шпанија е една од оние пет редовни членки кои одбиваат да го признаат Косово како држава (и со тоа го минираат системот на солидарност во ЕУ) загрижени веројатно за ситуацијата дома, или на северната граница каде што бдеат незадоволните Баски.
И да заклучиме, има држави и држави. Во првите (како што е Шпанија ) и секоја помисла на сецесија, федерализација, отцепување, па и со насилни средства е ерес. Во вторите (на пример, на Балканот) овие движења функционираат како теренски модел за инсистирање на човекови и малцински права.
Навредлива е изјавата на полковникот за Белгија каде што Фламанци и Валонци функционираат со векови и за Југославија, која со Уставот од 1974 гарантираше државни права не само на републиките, туку и на покраините, а тоа е една година пред паѓањето на фашистичкиот режим на Франко во Шпанија. |