20.04.2013, 11:01 Гласаат изнемоштените и болните лица
Пред утрешното прегласување на вториот круг од локалните избори во дел од изборните места во Центар и Струга и едно во Ѓорче Петров, и вториот круг во Долнени, денеска е изборен молк. Гласаат пријавените изнемоштени и болни лица.
Во трите општини каде што се прегласува вториот круг шеесет пријавени болни и изнемоштени ќе го искористат своето право на глас. Во скопската општина Центар ќе гласаат 31 изнемоштено и болно лице, во Струга 26, а во Ѓорче Петров три. Во Долнени, каде утре се одржува вториот круг од локалните избори, пријавени за гласање се 216 изнемоштени и болни лица.
Гласањето утре почнува во 7 и трае до 19 часот. Вториот круг од петите локални избори ќе се повтори на 29 избирачки места во Центар, во девет во Струга и во едно во скопската општина Ѓорче Петров. Втор круг од локалните избори ќе има во општина Долнени на 39 избирачки места.
Вкупниот број гласачи на избирачките места во Центар, според избирачкиот список, изнесува 22.939. Во деветте избирачки места во Струга треба да гласаат 7.885 граѓани, додека во Ѓорче Петров запишани во избирачкиот список се 1.320 граѓани со право на глас.
Во Долнени, каде ќе се одржи втор круг од гласањето на локалните избори, во избирачкиот список се запишани 10.521 избирач.
По затворањето на избирачките места започнуваат да течат роковите за претставки до ОИК, односно ДИК.
|