19.04.2013, 09:01 Груевски во посета на Азербејџан
Делегација на Владата на РМ предводена од премиерот Никола Груевски синоќа пристигна во Азербејџан, каде што денеска ќе оствари политичко-економска посета.
Во делегацијата се вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и заменик-министерот за економија Христијан Делев.
Груевски ќе има средби со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и со премиерот Артур Расизаде.
- По средбата ќе се одржи пленарен состанок на официјалните претставници од двете владини делегации, по што ќе следи потпишување договри кои се од сферата на даночната политика, со цел даночно олеснување и одбегнување на двојното оданочување, а во насока на интензивирање на економските односи меѓу двете држави и создавање услови за непречено одвивање на бизнис р��лации, соопшти владината прес-служба.
Економскиот дел е посебен аспект на посетата. Премиерот Груевски ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис-форум, кој ќе се одржи во соработка на АЗПРОМО, јавно-приватна иницијатива основана од Министерството за економија и развој на Република Азербејџан, со основна цел јакнење на инвестициските можности и капацитети.
Пред претставници на бизнис-заедницата од Азербејџан ќе бидат презентирани предностите кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори и поволностите кои се овозможуваат за отворање и водење бизнис. |