11.03.2012, 18:21 Во БиХ најмногу заработуваат менаџерите, а најмалку собарките
Платите во просек изнесуваат околу 3.073 евра а во Србија на истата позиција платите се 1.300 евра, додека во Хрватска 2.540 евра
Истражувањето на порталот „Плата.ба“ во Босна и Херцеговина за платите во повеќе сектори во шест европски земји покажало дека просечните бруто- плати се најниски во Србија, а највисоки се во Чешка. Во Србија најмалку се платени нискоквалификуваните професии, додека во Хрватска за истите позиции платите се далеку повисоки. Во БиХ професијата менаџер е една од најплатените. Платите изнесуваат во просек околу 6.147 конвертибилни марки, или 3.073 евра. Во Србија на истата позиција платите се 1.300 евра, а во Хрватска 2.540 евра. Од оваа професија најмногу заработуваат Чесите, каде што менаџер има просечна плата од 3.700 евра. Второ најплатено работно место во БиХ е директор на сектор во банкарството со просечна плата од над 2.000 евра. Добро платена работна имаат и извршните директори. Во БиХ од оваа професија се заработува просечно по 1.883 евра месечно, додека во Хрватска просечната плата на извршен директор изнесува 2.300 евра. И на оваа позиција најголеми плати примаат Чесите - 2.460 евра.
И директор на продажба е едно од најплатените работни места. Во БиХ оваа плата изнесува во просек 1.780 евра, во Хрватска 2.000 евра, а во Србија 1.300 евра. Директор на продажба во Чешка, пак, заработува 2.570 евра месечно.
Во чевларската индустрија во БиХ најмалата просечна бруто-плата изнесува 310 евра. Шивач во просек заработува 340 евра, а во Србија неговата плата е 250 евра, додека во Хрватска изнесува 500 евра месечно.
Професијата чистач е едно од најслабо платените места во БиХ - 340 евра, во Србија чистачите имаат по 225 евра, додека во Чешка платите на чистачите достигнуваат и до 395 евра. Просечната плата на келнер во БиХ изнесува 360 евра, во Србија 520 евра, а во Хрватска тие заработуваат и по 610 евра. Најмалку платена работа е собарка, која заработува месечно по 379 евра. Во Хрватска собарките имаат месечна плата и до 554 евра.
Врз основа на истражувањето на „Плата.ба“, во БиХ најплатени се директорските, менаџерските и раководителите на сектори, чии плати се движат до 3.000 евра. Најмалку платени се нискоквалификуваните работници со примања од 310 до 380 евра. (Ек.Р.) |