09.03.2012, 13:40 Да се гарантира безбедноста, не е важно кој прв почнал
Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието на Република Макдедонија денеска дебатира за последните инцидентите што се случија во автобуси на ЈСП и во близина на некои училишта
На седницата присуствува и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која ги информираше пратениците за настаните во изминативе неколку дениви, но и од почетокот на годинава.
Министерката истакна дека МВР ги презеде сите мерки за откривање на напаѓачите во овие инциденти.
- Загриженоста за инцидентите има оправдување зашто тие не придонесуваат за толеранција, односно за градење на толеранција и соживот во земјата, рече Јанкулоска и додаде дека МВР во повеќе наврати апелирало одговорно да се пристапува кон ваквите настани.
Таа повика на одговорно однесување и осуда на насилството од сите присутни на седницата на Комитетот, но и од, како што рече, сите оние кои имаат авторитет да влијаат за смирување на тензиите.
- За жал, во изминатиот период бевме сведоци на неодговорни изјави кои поттикнуваа насилство или информации пласирани во јавноста кои не кореспондираа со вистината. Сметам дека е исклучително важно во моментите кога е потребно целото општество да се ангажира и да се однесува сериозно, сите да бидеме одговорни со изјавите и информациите. Практиката покажа дека неодговорното однесување може да резултира со насилство кое може да има и трагични последици, рече Јанкулоска.
Министерката ги информираше членовите на Комитетот и присутните амбасадори и претставници на дипломатски претставништва во земјава дека од почетокот на годинава на целата територија на РМ се случиле 25 инциденти и оти биле нападнати 40 лица припадници на сите етнички заедници. Триесет и осум од нив биле повредени, петмина се задржани на болничко лекување, а двајца се здобиле со убодни рани. Десет од овие инциденти во коишто биле вклучени најчесто млади луѓе се случиле во автобуси на ЈСП, а 10 во близина на училишта.
Министерката рече дека во овие бројки не спаѓаат инцидентите од вчера, но информираше дека на МВР веќе му се познати лица кои се под сомнение дека се учесници во тепачките, односно предизвикувачи на насилствата.
- Веруваме дека во текот на денот ќе заврши правната процедура во смисла на нивно препознавање од страна на оштетените. Тогаш МВР ќе биде во можност кривичната пријава за насилство да ја поднесе до Основното јавно обвинителство и предметот да биде предаден на други институции за да може во една правна процедура овие случаи да добијат своја завршница, рече Јанкулоска.
Претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците Ермира Мехмети во своето обраќање истакна дека е време за итна и бескомпромисна реакција на институциите на државата за кои, според неа, ова е тест за подготвеноста дали тие можат да го вратат мирот и безбедноста на граѓаните кога излегуваат од дома.
Мехмети потенцираше дека учесниците во овие инциденти треба да бидат изнесени пред лицето на правдата и оти треба да се делува пред овој проблем да се претвори во општ феномен.
За обвинувањата дека власта е одговорна за ваквите настани, таа рече дека време е да се отфрлат тезите дека Владата води националистичка политика. Одговорноста ќе биде на владејачкото мнозинство и на Владата доколку лицата не бидат изнесени пред лицето на правдата, рече Мехмети.
Според неа, вакви обиди да се предизвикува соживотот имало и ќе има, но, додаде, ние сме тука да им кажеме на тие што прават меѓуетнички тензии дека ќе доживеат неуспех.
Бурни реакции од пратениците предизвика говорот на Орхан Ибраими од ДПА кој побара излегување на ДУИ од Владата бидејќи дозволила, како што рече, „линчување“ на Албанците.
Според Ибраими и неговата пратеничка група, главен инспиратор и поттикнувач на ваквите етнички односи е Владата која, како што рече, нема расположение за решавање на овие проблеми.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека обраќањето на Ибраими е ништо друго туку говор на омраза и дека имајќи ги предвид инцидентите треба да се гледа интересот на сите млади во Македонија.
- Злото не бира дали некој е Албанец или Македонец, рече Бонева. Таа истакна дека хулиганите односно напаѓачите треба да бидат изведени пред лицето на правдата без разлика на нивната етничка припадност и дека од Собранието на РМ треба да биде упатена порака до сите граѓани да ги осудат хулиганите.
- Со вашиот говор се сее страв во Македонија и им штетите на сите граѓани. Борете се за вашите политики на друг начин, не врз меѓуетничките односи, рече координаторката на ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата на Комитетот е прекината откако Имер Алиу од ДПА побара од претседателката Мехмети да му биде дозволено процедурално обраќање.
|