09.03.2012, 14:00 ОБСЕ ги осуди инцидентите, бара итно расчистување
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје амбасадорот Ралф Брет денеска ги осуди неодамнешните насилни инциденти во Скопје и изрази жалење до повредените и нивните семејства. Тој бара надлежните итно да ги расчистат инцидентите, а граѓаните да се воздржат и да не го земаат остварувањето на правдата во свои раце.
- Верувам дека властите целосно ќе ги истражат овие инциденти и дека сторителите ќе бидат брзо приведени и изведени пред лицето на правдата. Насилството никогаш не треба да се занемарува, особено во чувствителни мултиетнички средини, се вели во писмената изјава на Брет.
Во неа тој апелира до семејствата, директорите на училиштата и професорите да внимаваат на нивните деца и ученици и да спречат нивно насилно однесување.
- Исто така ги повикувам сите страни, особено политичките партии, граѓанското општество и локалните власти, најостро да ги осудат овие акти на насилство, од која било страна да доаѓаат, да делуваат одговорно и да избегнуваат зголемување на тензиите. Одговорното известување на медиумите исто така ќе помогне за смирување на ситуацијата, вели амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брет.
Тој ги повикува, како што вели, сите загрижени граѓани да не ја земаат правдата во свои раце, бидејќи актите на одмазда можат само да ја влошат ситуацијата во земјата.
|