20.07.2009, 17:26 Охридските плажи повторно отворени
Само еден ден траеше забраната за капење на осум плажи
Само еден ден траеше забраната за капење на осум охридски плажи, за кои инспекцијата утврди дека не ги исполнуваат безбедносните критериуми. По спроведената инспекција, концесионерите на плажите веќе вчера изутрина побрзале да ги потпишат договорите за ангажирање спасувачи, со што ќе исполнат еден од најважните услови за безбедност на туристите.
Од Капетанијата во Охрид веќе е издадена наредба до инспекторите да извршат повторен увид и да ги отстранат таблите со ознака за забрането капење на плажите на кои беше утврдено дека не се почитуваат договорите за концесионерство. Со тоа, плажите „Извиднички центар“, „Младост“, „Евронационал“, „Пајнчар“, „Бовел“, „Бетон“, „Силекс“ и „Корали“ повторно се отворени за посетителите на охридскиот брег.
„Сите недостатоци се отстранети и веќе во текот на вчерашниот ден концесионерите на овие осум плажи потпишале договори за ангажирање спасувачи. Со тоа, во текот на денов ќе бидат отстранети ознаките за забрането капење, кои беа поставени на осум плажи“, вели Љупчо Настевски, капетан на Капетанијата на охридските пристаништа.
Надлежните одлучија во текот на сезоната да спроведат инспекција по охридските плажи, откако пред десетина дена се случи трагедија во која животот го изгубија две момчиња, возејќи се на педалинка по Охридското Езеро. Несреќата отвори многу прашања и проблеми за тоа колку се безбедни езерата во земјава, но и колку концесионерите ги почитуваат правилата пропишани во договорот за закупување на плажите.
Меѓу другото, во договорите е пропишано секоја плажа, како и просторот за пливање, да биде соодветно обележана, а секој концесионер да води грижа и за уредувањето на просторот. Особено правилата се ригорозни во однос на поставувањето маси, лежалки и реквизити, кои можат да зафатат најмногу 60 отсто од просторот. Другиот дел од плажите треба да биде слободен.
Според светските норми, секоја плажа мора да има спасувачи со лиценци. Потребно е да се ангажира еден спасувач доколку плажата се протега до 660 квадратни метри водна површина. За плажа од 1.500 квадратни метри водна површина, концесионерите се должни да ангажираат двајца спасувачи, еден кој ќе набљудува и друг кој ќе биде задолжен за помагање и укажување итна медицинска помош на посетителите. И покрај ваквите строго утврдени правила, сепак, туристите се жалат дека голем дел од плажите во Охрид и во Струга не ги почитуваат договорите и не ангажираат спасувачки екипи, кои би ги спречиле несаканите трагедии. (Д.Т.) |