27.06.2012, 18:08 Господин Ѕвезда!
Министерот за здравство, Никола Тодоров, од ѕвезда во подем станува водечка фигура во ВМРО-ДПМНЕ. Груевски му го додели најважното место - шеф на Изборниот штаб. Министерот, кој неодамна увиде дека пациентите не смеат да си ги виткаат ’рбетните столбови крај болничките шалтери, се исправи пред уште една тешка задача. „Утрински весник“ преку разговори со соработници и политички противници на Тодоров направи негов профил во обид да се разоткрие тајната на успехот
Наум Котевски
Министер за еден или за сите ресори. Оваа дилема врзана за првиот човек во Министерството за здравство, Никола Тодоров, која поради неговото импресивно темпо датира уште од самите почетоци на неговото раководење со образованието, повторно е актуелна откако Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучи токму тој да биде шеф на Изборниот штаб на партијата за локалните избори наредната година.
Министерот кој неодамна увиде дека пациентите не смеат да си ги виткаат ’рбетните столбови крај застарените ниски шалтери во болниците се исправи пред уште една тешка задача, која носи со себе голем број обврски и бара време.
Оттаму сосема е логично прашањето дали Тодоров, кој се пофали за своите карате-вештини уште на првата средба со новинарите кога беше назначен за нов министер за образование, може успешно да ги извршува двете функции, особено сега кога, како што вели самиот тој, реформите во задолженото здравство се во полн ек.
„Здравството е ресор што не трпи импровизации. Не смее да се запостави ниту на еден момент затоа што тоа веднаш ќе се покаже. Недостатоците се автоматски видливи. Лично моментно можам само да кажам дека ќе се потрудам максимално да се посветам на извршувањето на двете функции. Тука станува збор и за способност за лична организација, се' со цел да не трпи некоја од задачите на сметка на другата. Деновите се напорни, а сега ќе бидат уште понапорни, но јас не бегам од предизвици“, ни изјави вчера министерот Тодоров, кој кратко кажа и дека горе-долу е запознат со работата на општинските комитети, но не сакаше да одговори на прашањето дали е изненаден од добивањето на новата функција.
Инаку, досегашна практика во ВМРО-ДПМНЕ беше генералните секретари на партијата по „инерција“ да бидат и шефови на изборните штабови, но тоа не е случај и со сегашниот секретар Кирил Божиновски.
Токму како генерален секретар, а истовремено и шеф на изборен штаб, Мартин Протоѓер, ги однесе последните три победи за ВМРО-ДПМНЕ - на ланските парламентарни избори, на локалните и на претседателските избори 2009, како и на предвремените избори 2008.
Ваквата методологија на работа на владејачката партија беше оправдана, ако се знае дека генералниот секретар е практично лицето кое има најинтензивна комуникација со партиските општински комитети. И би требало да има најпрецизен увид на нивната работа, што секако не е во описот и пописот на работата на министерот, ниту на оној за здравство. Ако во последно време нешто не се променило во начинот на партиското функционирање.
„Тодоров е долгогодишен член на партијата и член на Извршниот комитет. Тој и во ресорот образование и во ресорот здравство покажа дека може успешно да извршува високи функции. Сега му е доверена задачата шеф на изборен штаб и убедени сме дека ќе ја изврши како што треба“, ни изјави Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Тодоров со своите 33 години е еден од предводниците на свежата крв во партијата, а пред да стане министер за образование, ја извршуваше функцијата директор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, а потоа и онаа на скопскиот катастар. Првиот правни�� на позицијата министер за здравство, кој е обвинуван од опозицијата дека не може со правни лекови и драконски казни да го лекува болното здравство, сега ќе треба под конец да ја има сета партиска оператива на државно ниво.
„Со ВМРО-ДПМНЕ веќе ништо не е чудно. Генералниот секретар на партијата во исто време е и генерален секретар на Владата, што само го потврдува нивниот комунистички манир на владеење со кој партијата ја идентификуваат со државата. И министерувањето на Тодоров и неговото назначување за раководител на партискиот штаб се обична маркетиншка приказна на ВМРО-ДПМНЕ. За процената со штабот е нивна внатрепартиска работа и немаме намера да ја коментираме, но за истовременото министерување со еден чувствителен и динамичен ресор како што е здравството цената секојдневно ја плаќаат граѓаните“, велат од СДСМ.
Бившиот министер за здравство, Ѓорѓи Оровчанец, пак, вели дека двојна функција се прифаќа ако од тоа ви зависи политичката кариера.
„Може да кажеме дека сите проблеми во здравството се решени. Ако Тодоров ги решава така работите и на новата функција, ВМРО-ДПМНЕ, дефинитивно, ќе ги загуби изборите. Тука станува збор за тоа кој како ги разбира работите. Кој ги сфаќа сериозно реформски, а кој популистички, или како функција за функција. Очигледно Тодоров смета дека може секаде да стигне“, смета Оровчанец, кој е убеден, како што вели, дека опозицијата ќе победи без помош на Фондот за здравство. |