27.06.2012, 18:15 Опозиционерството ги зближи Бранко и Љупчо
Поранешните премиери и големи политички ривали денес седнуваат на иста маса, во обид да договорат соработка
Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски, поранешни премиери и големи политички ривали, ќе се сретнат денеска во обид да ги расчистат разногласијата од минатото и да договорат соработка пред локалните избори в година. Нивното соперништво ја одбележа првата деценија од плурализмот во Македонија, а почна да стивнува во 2003 година, кога Георгиевски ја напушти лидерската функција во ВМРО-ДПМНЕ, откако во 2002 година ги изгуби изборите од Црвенковски.
Овој пат тие седнуваат на маса со слични позиции и со надеж дека декларираните спротивни идеологии на нивните партии веќе нема да им претставуваа пречка во комуникацијата: Црвенковски настапува како лидер на најголемата опозициска партија која е вечен и „природен“ противник на моментно владејачката партија, а Георгиевски како новопечен водач на вонпарламентарната ВМРО-НП, која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ, по судирот меѓу него и Никола Груевски, кој повторно ескалираше пред неколку месеци кога дел од раководството на Народна ја напушти партијата.
Поради некогашното долгогодишно ривалство меѓу Црвенковски и Георгиевски, јавноста со посебно внимание ги следи новите моменти во релациите меѓу нив, кои сега добиваат сосема поинаква содржина, паралелно со новиот политички контекст во државата. Најавената средба меѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-НП, всушност, е резултат на заложбата на Црвенковски да ги обедини сите субјекти и поединци кои се критички настроени кон сегашната владејачка гарнитура, без разлика на идеологија и етничка припадност.
Неслучајно лидерот на СДСМ ја остави за крај средбата со Георгиевски. Тој претходно се сретна со другите вонпарламентарни партии од македонскиот камп, односно со новите сојузници на ВМРО-НП од т.н. Пелистер коалиција - ЛДП, ОМ и Достоинство. Наскоро ќе се види дали таа комуникација меѓу опозициските партии ќе резултира и со формална соработка за време на локалните избори.
Црвенковски, на неодамнешниот митинг во Куманово, рече дека власта е агресивна и нервозна бидејќи чувствува дека СДСМ ќе биде матицата околу која ќе се соберат сите други. Ден потоа, премиерот Груевски одговори предизвикувајќи ги опозициските лидери да се соберат, како што рече, на куп и да го слушнат мислењето на граѓаните за нив. (А.М.М.) |