27.06.2012, 17:57 Мое ќоше
Европа како Америка
Ерол Ризаов
Можни ли се Соединети Европски Држави, како што се САД
Додека се' погласни се прогнозите за брзото и неминовно распаѓање на Европската унија пред налетот на економската криза и себичноста на најмоќните европски држави, стаса една вест која, иако е бајата како идеја, по својата содржина, скромно пласирана кај нас, предизвикува посебно внимание. Ако ништо друго, барем да видиме кој за што размислува и што планира во Европа. Австриски „Ди пресе“ објави на својата насловна страница како своевидна сензација дека десетмина министри за надворешни работи на ЕУ учествуваат во студиска група која работи за иднината на Европа. Тие имаат цел да извршат притисок за трансформирање на ЕУ во федерација по примерот на САД. Работат тимови сериозно на голем проект ЕУ да стане СЕД, како што се САД. Можни ли се Соединети Европски Држави, како Америка.
Тој план за трансформација во европска држава е подготвен и на 19 јуни десеттемина министри веќе го презентираа првиот извештај пред претставниците на ЕУ, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, претседателот на Европската централна банка, Марио Драги, и претседателот на Еврогрупата, Жан Клод Јункер. „Ди пресе“ пишува дека „студиската група за иднината“, иницирана од германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, во која засега не учествува официјален претставник на Франција, предлага, замислете, да се стави крај на националните владини лидери и да и' се даде поголем авторитет на Европската комисија, особено на претседателот на Европската комисија, кој како своевиден европски премиер ќе има право да формира „владин тим“, така што тој ќе стане најмоќен политичар во Европа. Натаму групата се занимава со мн��гу значајни детали како што е замената на европските совети на министри и шефови на држави со „дом на држави“ во Европскиот парламент. Се оди дотаму што националните надлежности, особено управувањето со границите, одбраната и јавните трошоци би биле пренесени на федерацијата, така што членството во еврозон��та ќе биде неповратно. Навистина, има предупредување дека јасно дефиниран демократски систем што потсетува на држава веројатно нема да биде во согласност со расположението на некои делови на населението во ЕУ, но секој што сака да го заштити еврото, единствениот пазар и политичката стабилност, а во исто време да го спречи се' поголемиот јаз во богатството меѓу северот и југот и го запре зајакнувањето на националистичките трендови, конечно, ќе прифати дека тоа е најдобриот начин за напредување.
Се разбира дека ова како најдобар начин на напредување на Европа и фаќање чекор со Америка е полесно докажливо на седници на студиски и експертски групи. Но, она што денеска се вика ЕУ и нејзината реалност е сосема друга. Младите европски новопримени држави уште не го одживеале својот европски романтизам некогаш насилно прекинат, а старите демократии како што е Франција уште се потпираат цврсто на националистичките столбови. Германија постојано мисли дека е ограбена од неработнци и бездарници. Англија останува секогаш со сомнеж и специфична во своите услови. Меѓутоа, многу е интересен и сугестивен одговорот на креаторите на овие проекти за иднината на Европа. Тие ги имаат земено предвид сите овие сериозни пречки, дури и многу поголеми од оние што се сега актуелни со економската криза и растечкиот национализам, како и неподготвеноста на голем број луѓе за каква било федерализација на Европа. Плановите за иднината мора да се направат навреме и да се трасираат. Она што го почнаа како мал чекор, но голема идеја Робер Шуман и Жан Моне, основачите на првата Европска заедница за челик и јаглен меѓу Франција и Германија, за повеќе од половина век се претвори поголема реалност отколку што можело тогаш да се замисли и воопшто да се планира. Денес Европа ја има истата историска одговорност за своите народи. Креаторите на иднината на Европа се убедени дека сегашните генерации Европејци, сепак, ќе ја изберат најдобрата опција за своите наследници. Тоа нема да биде тешко откако точно ќе се склопи мозаикот како ќе изгледа Европа по 20, 30 или 50 години.
Што мислите дали едно камче од тој мозаик што се вика Македонија ќе биде на своето место, или уште ќе им кажуваме патриотски приказни за самостојноста и независноста на идните генерации. |