27.06.2012, 17:06 Прв пат во Македонија 40 бренда во „Скопје сити мол“
Шпански „Бланко“, англиските „Афтершок“, „Литл Буда“, козметичката куќа „Ив Роше“, се дел од новите закупци во трговскиот центар
„Со отворањето на трговскиот центар „Скопје сити мол“, во Македонија прв пат ќе влезат 40 бренда“, резимираше вчера Ивајло Иванов, извршен директор на трговскиот центар кој се очекува свечено да ги отвори вратите за посетителите кон крајот на септември. Рокот ќе биде испочитуван, уверуваа вчера од инвеститорот „Балфин МК“ од каде што информираа дека до сега се издадени 90 отсто од локалите во објектот.
Брендовите за чевли „Алдо“ и „Урбан џангл“, англиските модни брендови „Афтершок“, „Литл Буда“ и „Ворлд оф аксесорис“, како и шпанскиот „Бланко“ и козметичката куќа „Ив Роше“ се новите закупци во трговскиот центар. Неодамна, инвеститорите најавија дека во „Скопје сити мол“ ќе ја има и најголемата „Зара“ во регионов, како и сродните фирми на „Индитекс“-„Бершка“, „Масимо Дути“, „Пул и беар“ и „Страдивариус“. Потврдено е и отворањето на францускиот синџир супермаркети „Карфур“ и австрискиот кинооператор „Синплекс“.
„Богатата понуда што ќе ја нуди трговскиот центар, од аспект на шопинг, преку реномирани брендови, па се' до концептот за семејна забава и дружење ќе овозможи трговскиот центар да биде привлечен и неповторлив. Веќе нема да има потреба да одите на шопинг во Солун“, порача вчера Иванов.
Тој информираше дека објектот ќе овозможи вработување на околу 2.000 луѓе. Најголем дел од закупците веќе започнале со објавување на огласите за вработување.
Инаку, изградбата на објектот не запира деноноќно. Секојдневно на терен се ангажирани околу 600 луѓе, а во изградбата биле вклучени четириесетина градежни компании. Закупените дуќани, пак, веќе се обележани со брендовите што ќе се сместат во нив.
Според процените на инвеститорот, „Скопје сити мол“ се очекува во првата година од работењето да привлече околу 7,5 милиони посетители. (Дс.Т.)
|