24.06.2012, 15:01 Сезона на тиквички
Сочни, свежи, вкусни... Избор на јадења од млади тиквички е огромен а приготвувањето е лесно
ПОЛНЕТИ ТИКВИЧКИ
ПОТРЕБНО Е:
2 тиквички
1 главица кромид
350 г мелено месо
50 г ориз
250 мл сос од домати
1 лажица ким
2 лажици билни зачини
половина лажица црн пипер
сол
100 мл масло
ПОДГОТОВКА:
Излупете ги тиквичките, исечете ги и извадете им ја средината. На масло пропржете го кромидот се' додека не добие златна боја, па додадете му го месото, оризот и зачините, и повремено сипувајте сос од домати. Оставете да се динствува. Кога оризот ќе омекне, тргнете го од оганот и со оваа смеса наполнете ги тивичките, па наредете ги во подмачкана тепсија, покријте со алуминиумска фолија и оставете да се печат на 200 степени околу 30 минути. Заедно со полнетите тиквички може да послужите кисела павлака или јогурт.
САЛАТА СО ТИКВИЧКИ И ОРЕВИ
ПОТРЕБНО Е:
700 г тиквички
4 лажици масло
половина лимон
100 г бланширани ореви
100 г рукола
100 г фета
сол
ПОДГОТОВКА:
Исечете ги тиквичките на тенки тркалца, а потоа посолете ги. Подмачкајте го тавчето со една лажица масло, загрејте го и наредете ги тиквичките. Сосема е доволно да се пржат по 2 минути од едната страна и уште две од другата. Тргнете ги настрана.
Издробете ги оревите или грубо истолчете ги. Ставете ги во загреано тавче и печете ги неколку минути додека не поруменат. Наредете ги тиквичките во чинија, а потоа посипете ги со печени ореви и иситнето фета сирење. Одозгора додадете ситно сечкана рукола, масло од ореви и накапете сок од лимон.
ПОХУВАНИ ТИКВИЧКИ
ПОТРЕБНО Е:
4 тиквички
2 јајца
100 г лебни трошки
100 мл млеко
150 мл масло
пола лажица сол
ПОДГОТОВКА:
Измијте ги тиквичките, излупете ги и исечете ги на тркалца, посолете ги и оставете ги да отстојат 15 минути да пуштат сок. Посебно изматете ги јајцата со млекото. Во еден сад ставете трошки, а во друг брашно. Избришете ги тркалцата тиквички со кујнска хартија па извалкајте ги во брашно, во јајца, па во трошки и пржете ги на врело масло. Похуваните тиквички ставете ги на хартија за да се исцеди вишокот маснотија. Се служат со тартар сос.
КРОКЕТИ СО ТИКВИЧКИ И СИРЕЊЕ
ПОТРЕБНО Е:
500 г тиквички
150 г младо сирење
4 јајца
500 мл млеко
свеж магдонос
босилек
10 лажици брашно
црн пипер, сол
масло
ПОДГОТОВКА:
Направете тесто од млеко, брашно, јајца, сирење, мирудии, свежо исечкан магдонос и изрендани тиквички. Добро замесете го тестото. Со голема лажица обликувајте и вадете од тестото, па пржете ги крокетите во врело масло. Пржените крокети ставете ги на хартиена салфетка да се исцеди маснотијата. Крокетите се служат со јогурт, павлака или кисело млеко.
ТИКВИЧКИ СО ЃУМБИР И КУРКУМА
ПОТРЕБНО Е:
800 г млади тиквички
100 г брашно
100 г лебни трошки
4 јајца
1 лажца ѓумбир
2 лажица куркума
сол
масло
ПОДГОТОВКА:
Излупете ги тиквичките и исечете ги на долгнавести парчиња (ленти) со дебелина од 1 см, па зачинете ги со сол и ѓумбир, извалкајте ги во брашното, во изматените јајца, а потоа во трошките. Пржете на загреано масло во кое сте додале куркума. Тиквичките се готови кога ќе добијат убава златна боја од обете страни. Исцедете го вишокот маснотија на хартиена салфетка. Се служат со кисела павлака, јогурт или младо сирење.
ПАСТА СО ТИКВИЧКИ
ПОТРЕБНО Е:
1 кг тиквички
300 г тестенини
1 јајце
100 г фета сирење
маслиново масло
анис
сол
ПОДГОТОВКА:
Излупете ги тиквичките и исечете ги на коцки. Во тавче загрејте маслиново масло, па оставете ги тиквичките да се пропржат околу 15 минути на умерена температура, со повремено мешање. Тиквичките имаат доста течности во себе, па заедно со маслото течноста во тавчето ќе стане како крем. Пред крајот изматете едно јајце и полијте го врз тиквичките. Додајте малку сол и од зачинот анис. Измешајте ги тиквичките, поклопете го тавчето и оставете ги настрана. Сварете ги тестенините, процедете ги и измешајте ги со тиквичките. Додадете коцки фета сирење.
ВАРИВО ОД ТИКВИЧКИ
ПОТРЕБНО Е:
1 кг млади тиквички
сол
1 лажица киселина
1 лажица шеќер
2 лажици брашно
1 кисела павлака
масло
ПОДГОТОВКА:
Излупете ги тиквичките и отстранете го внатрешниот дел со семки. Потоа изрендајте ги на покрупно или исечкајте ги на коцки, посолете ги и измешајте ги со киселина. Оставете да стојат околу 30 минути за да се исцедат. Во меѓувреме во тавче на масло загрејте го шеќерот да се карамелизира, додадете го брашното и кратко пропржете. Во вака подготвената запршка, додадете ги изренданите тиквички и динствувајте на ниска температура со постојано мешање за да не загорат. Кога тиквичките ќе омекнат, тргнете ги од оганот, додадете павлака и измешајте. Со варивото од тиквички најдобро е да послужите пилешки копани и пржени млади компири.
Мусака со тиквички
Потребно е: 1 кг тиквички, 300 г бело сирење, половина кг домати, 2 чешниња лук, ливчиња мајчина душичка и рузмарин, малку брашно, масло и сол.
Подготовка: тиквичките треба да се измијат, да се исечат на тркалца, да се посолат и да се остават да постојат. Треба да се исцедат од сокот, да се извалкаат во брашно и да се пржат на врело масло од двете страни. Замастениот сад се покрива со испржените тиквички, потоа се става излупен домат исечен на тркала, се посипува со изрендано сирење и на крај се прекрива со уште една рендана тиквичка, со исечкан лук и со ливчиња мајчина душичка и рузмарин и се потпечува во рерна.
Маринирани тиквички со моцарела
Потребно е: 1 кг тиквички, 4 млади кромитчиња, 200 г морков, 125 г моцарела. За преливот за салатата: 50 мл вода, 1 лажица оцет, 2-3 лажици маслиново масло, 2 лажици зачин
Подготовка: Измијте ги тиквичките и морковите и исечете ги на тенки долги плочки. Младиот кромид измијте го и исечете го на коцки, исто како и моцарелата. За преливот за салатата измешајте ги сите потребни состојки и оставете да отстои околу десет минути. Потоа полијте го зеленчукот со преливот и оставете ја салатата да се маринира околу 15 минути. Пред служење, распоредете ја моцарелата врз тиквичките
Послужување: маринираните тиквички со моцарела може да ги послужите со скара. |