11.09.2012, 15:18 На следните избори ќе гласаат 70.000 граѓани помалку
ДИК е задоволна од динамиката за замена на старите документи, но се уште е голема бројката на оние кои немаат биометриски пасоши
Околу 70 илјади лица не ќе можат да го остварат правото на глас, бидејќи не поседуваат валидни биометриски документи. Ова се проценките на Државната изборна комисија, која вчера одржа работен состанок за проверка на Избирачкиот список и негово прочистување на „фантомските“ гласачи. Списоците постојано се прочистуваат и ажурираат, но во нив се уште се наоѓаат починати лица, за кои никој не пријавил за да се избришат од избирачкиот список, а голема е бројката и на оние кај кои има несовпаѓање на податоците или пак се со непознат статус. Не е за занемарување ниту бројката на оние гласачи кои од 1999 година воопшто не се пројавиле пред државните органи за да извадат каков било нов документ.
Според последните податоци добиени од МВР, до 31 август годинава во земјава се уште има 146.472 гласачи кои ги немаат заменето старите документи со нови, како и 33.426 гласачи во дијаспората кои немаат биометриски документи, што е еден од условите за остварување на гласачкото право.
Претседателот на работната група за проверка на Избирачкиот список, Бедредин Ибраими е задоволен од темпото со кое се заменуваат старите документи со нови и прогнозира дека ако продолжи овој тренд, ќе се намали бројот на граѓани без биометриски документи.
„По моја претпоставка, според оваа динамика, бројката би можела да се намали и да дојдеме до 70.000 граѓани кои ќе останат со стари документи“, вели Ибраими. (Д.Т.)
|