07.08.2012, 17:59 Полемика - Без норма да не се оди на Олимпијада. Потребна е нова стратегија за спортот
Некогашниот селектор на пливачите Димитрија Поповски и претседателот на Атлетската федерација на Македонија, Крсто Серафимовски, одговараат на пет прашања инспирирани од настапот на македонските спортисти на Олимписките игри во Лондон
Прашања
1. На што се должи најскромниот настап на македонските сп��ртисти на Олимписките игри досега?
2. Можеа ли подобро четворицата македонски претставници во Лондон?
3. Како ја оценувате политиката на Македонскиот олимписки комитет во однос на олимписките кандидати?
4. Што треба да се преземе за Македонија да има достоинствено претставување на олимпијадите?
5. Во кои спортови е објективно да очекуваме висок пласман на олимпијадите, па дури и медал?
Димитрија Поповски
Без норма да не се оди на Олимпијада
Влатко Арсов
1. Што повеќе може да се очекува од четворица спортисти, кои на Олимписките игри учествуваат со покана од Меѓународниот олимписки комитет. Згора на тоа, единствена амбиција им беше да постигнат свој најдобар резултат, а не национален рекорд. Трагедија!
2. Сигурно дека можеа и мораа подобро, впрочем, затоа и беа пратени таму. Единствено, Ефремов го исполни ветеното - постигна личен рекорд, кој, пак, е далеку од националниот, а на сите резултатите им се „слушаат“ само до Ќафасан. Марко Блажевски, кој ветуваше државен рекорд, подобрувајќи го тој на Александар Маленко стар 12 години, не го направи тоа од проста причина што беше знаменосец и стоеше на нозе најмалку шест часа пред да заврши дефилето, а наредниот ден, во 10 часот, имаше настап. Избра да го сликаат, а не да прави рекорд. По правило, ниту еден спортист што има настап првиот ден не учествува на дефилето на свеченото отворање.
3. Чинам дека Македонскиот олимписки комитет за спортистите направи се' што е во рамките на неговите можности и овластувања. Од средствата добиени од солидарниот фонд на ИОК издвои стипендии за десет спортисти од индивидуалните спортови, а на предлог на матичните федерации. Средствата беа во висина од 500 до 1.200 долари, строго наменски за подготовки и критериумски настапи, од кои, за жал, беа елиминирани тренерите, што за мене е недозволиво. Покрај тоа, со по 40 илјади долари партиципираше во квалификациите на ракометарите и на кошаркарите и само со 10 илјади за ватерполистите. Според мене, несоодветен третман.
4. Длабоко сум убеден дека нашата држава може многу да придонесе за развојот на врвниот спорт кај нас. Како? Па, доста направи за развојот на масовниот и на рекреативниот спорт со изградбата на голем број спортски терени и сали. Сега нека се насочи кон помош на врвниот спорт, кој единствено може да ја афирмира државата. Како да го направи тоа? Едноставно - не како досега да го помага спортот, туку да се грижи за него. Тоа, пак, значи дека има потреба од измена на Уставот на Република Македонија, во кој само со една реченица е спомнат спортот, а тоа е „државата го помага спортот“. Наместо тоа, ако се предвиди дека „државата се грижи за спортот воопшто и за врвниот спорт посебно“, тогаш ќе мора да се изнајдат механизми за континуирано прибирање средства, а не како досега, со буџетот да се определуваат средства кои од година во година се намалуваат.
5. Имајќи ја предвид релативно малата популација на нашата држава, убеден сум дека на некои наредни ОИ можеме како држава да постигнуваме успех исклучиво во индивидуалните спортови, како што беше тоа пред два олимписки циклуса. Секако, под услов континуирано да се инвестира, зашто покажавме дека имаме талентирани борачи, боксери, пливачи, кајакари, стрелачи... Притоа се поставува прашањето, зошто државата да не вработи административци чија работа би била да тренираат бокс, борење, пливање, кајак и друго, како што е тоа случај во многу спортски напредни држави. Да не заборавиме дека спортистите во индивидуалните спортови се исклучиво аматери, за разлика од спортистите во екипните спортови кои се професионалци и од тоа живеат.
Не велам дека немаме успех во колективните спортови чии квалификации за ОИ се многу тешки па оттаму и самото пласирање на која било наша екипа ќе претставува огромен успех. И на крајот, додека не создадеме спортисти со исполнета олимписка норма, веќе на наредните ОИ да не испраќаме спортисти-шетачи.
Крсто Серафимовски
Потребна е нова стратегија за спортот
Роберт Димитриевски
1. Резултатите на македонските спортисти на Олимписките игри во Лондон не се изненадување, ако се има предвид фактот дека не постои вистинска стратегија за развојот на спортот во Македонија. Другата причина е отсуството на соработка меѓу спортските федерации и Македонскиот олимписки комитет.
2. Во однос на настапот на атлетичарите можеме да констатираме дека Кристијан Ефремов го исполни ветувањето што го даде пред заминувањето на Олимпијадата во Лондон дека ќе постигне најдобар личен резултат на 400 метри и оти достојно ќе не' презентира. Христина Ристеска, пак, истрча во рамките на своите можности, но останува впечатокот дека можеше и повеќе. Сепак, за тоа ќе мораше да има континуитет на тренажниот процес и учество на Државното првенство, а таа годинава беше суспендирана од атлетскиот клуб Перпетуум Мобиле. Токму поради овој случај и Атлетската федерација на Македонија ќе мора да поработи на усогласување на Правилникот за премин на атлетичари.
3. Приоритет на мојата програма кога се кандидирав за претседател на Атлетската федерација на Македонија ми беше соработката на највисоко ниво со Агенцијата за млади и спорт, секако, и со Македонскиот олимписки комитет. Затоа, веднаш по изборот остварив средба со директорот на АМС, на која што наидов на одлично разбирање и тој остана отворен за соработка и за поддршка н�� атлетскиот спорт. Исто така имав средба и со челниците на МОК, како резултат на која се организираа десетдневни подготовки во Охрид, со кои се подобри формата на нашите двајца олимпијци. Во МОК разговаравме и на тема ’олимписки циклус 2012-2016‘ до следните Игри во Рио де Жанеиро, при што се договоривме да соработуваме во правењето селекција на атлетичарите што ќе бидат потенцијални кандидати за таа олимпијада. Сметам дека овие институции, кои се најодговорни за спортот, треба да соработуваат на највисоко ниво заради постигнување подобри резултати.
4. Треба да се изготви стратегија за развој на спортот, да се направи добра селекција и да се создадат услови за работа. За нас, конкретно, повеќе атлетски патеки. Двете новоизградени се од капитална важност за нас и се надеваме дека ќе се продолжи со изградба на патеки и во други градови. Исто така е потребно обезбедување квалитетна спортска опрема, добра исхрана и витаминизација, како и формирање стручни тимови што ќе ја следат работата на спортистите во континуитет. Потребно е и поголемо вклучување на науката во спортот преку Факултетот за физичка култура, како и изнаоѓање финансиски извори, поточно вклучување поголеми компании во спортот, посебно во индивидуалните спортови.
5. Треба да се насочиме кон досегашното искуство, на традицијата и на географското поднебје во однос на спортовите што носеле медали од големите натпреварувања - европски и светски првенства и олимпијади. На пример, поголема поддршка треба да добие борењето, кое има голема традиција кај нас, но не треба да се занемарат ни останатите поединечни спортови. АФМ прави анализа на досегашните резултати, на освоените медали на балканските првенства, по што ќе се изберат пет-шест атлетичари, кои со претходно изготвени програми ќе му бидат предложени на МОК за да ја поддржи нивната реализација во целост, по што би можеле да очекуваме високи резултати. Треба да се направи трибина меѓу спортските федерации и надлежните институции и точно да се прецизираат сите потребни активности, со цел подобрување на спортските резултати и подобри пласмани на нашите спортисти. Со една добра соработка и со сплотување на сите одговорни институции, верувам дека спортот во Македонија ќе има подобро утре.
|