19.05.2012, 00:26 Меркел со предлог за грчки референдум за задржување на еврото
Германската канцеларка во разговор со претседателот Папуљас наводно споменала дека постојат идеи за распишување на референдум заедно со грчките избори во јуни
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Германската канцеларка Ангела Меркел ги шокираше Грците со споменување на идеја за референдум за останување во еврозоната. Меркел во разговор со претседателот Каролос Папуљас наводно споменала дека постојат идеи за распишување на референдум во Грција заедно со грчките избори во јуни. Веста дојде директно од кабинетот на новиот грчки преоден премиер Панајотис Пикраменос. Ваквиот предлог на Меркел одекна како бомба во грчките и странските медиуми медиуми и меѓу грчките граѓани, кои изминатите две недели будно ги следеа тензичните преговори меѓу политичките лидери и неуспешните обиди за формирање грчка влада што резултираа со прогласување нови парламентарни избори. Потпаролот на германската влада негираше дека германската канцеларка дала ваков предлог.
„Германската канцеларка му пренесе на претседателот Папуљас дека постои размислување за распишување референдум паралелно со грчките избори. Прашањето би било колку грчките граѓани сакаат да останат во еврозоната. Очигледно е дека оваа тема не е во склоп со надлежноста што ја има оваа преодна чиновничка влада", се вели во соопштението на кабинетот на грчкиот премиер, Пикраменос. Според информациите од соопштението Меркел во денешниот разговор со Папуљас ја повториле поддршката на ЕУ за грчкиот обид да се надмине кризата. Било споменато дека ЕУ размислува да ја ги подобри и засили политиките за развој и борба против невработеноста во европските држави, тема која ќе преовлада и на самитот на лидерите на ЕУ на 23 мај во Брисел. Пикраменос за овој разговор бил информиран од претседателот, а потоа ги информирал и лидерите на седумте партии кои влегоа во грчкиот парламент, односно Нова демократија, СИРИЗА, ПАСОК, комунистичката партија, екстремно-десничарите Златна зора и Демократска левица. Соопштението за разговорот меѓу Меркел и Папуљас дојде дури 10 часа по утринскиот разговор.
Како што пренесуваат грчките и странските медиуми потпаролот на Меркел остро реагирал против оваа вест и демантирал дека Меркел предложила ваков референдум. Медиумите забележуваат дека со ова се создава нова остра битка меѓу Атина и Берлин за тоа која верзија на разговорот е точна.
Лидерите на грчките политички партии остро ја осудија оваа идеја на Меркел. Првиот човек на СИРИЗА, Алексис Ципрас, кои многумина сметаат дека е всушност целната група на предлогот на Меркел за референум истакна дека Меркел се навикнала да и се обраќа на Грција како да е држава протекторат, д��давајќи дека народот на јунските избори ќе испрати негативен одговор кон германската канцеларка покажувајќи дека сакаат да се стави крај на мерките за штедење. Лидерот на Нова демократија, Адонис Самарас потенцираше дека грчкиот народ јасно има покажано дека го сака еврото и нема што да докажува на референдуми. "Предлогот на Меркел за референдум и тоа во предизборен период, е несреќен и не може да биде прифатен затоа што му се обраќа на грчкиот народ во погрешно време и со погрешна порака", истакна тој.
Од ПАСОК, партијата која Грците најмногу ја врзуваат со оваа криза, истакнаа дека референдумот е ексклузивно право на грчката влада и парламент, а не е во надлежност на ЕУ или владите на други држави-членки. ПАСОК коментираат дека прашањето за Грција не е дали да остане во еврозоната, туку конечно целосно да се извлече од кризата и да се врати во нормала.
|