24.02.2012, 17:54 Ставрески: „Не се откажуваме од случајот со Владо Димов“!
Пресврт во случајот со ексминистерот за здравство. Најпрво ја повлекоа потерницата по него, а сега ќе добие и 490 илјади евра
Љубиша Станковиќ
„Ќе ги преземеме сите правни инструменти што ни стојат на располагање како држава. Не се откажуваме од случајот со Владо Димов и откако ќе ги добиеме сите документи, секако дека ќе ги искористиме сите правни инструменти за наплата на долгот“, изјави вчера вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на вчерашната прес-конференција запрашан од новинарите дали ќе му се вратат средствата на поранешниот министер за здравство и дали државата има средства за тоа.
„Секако дека има средства државата, меѓутоа државата исто така има и инструменти за повторување на предметот во првостепена постапка. Предметот е вратен кај првостепениот орган и тој не е оспорен од суштински, туку од формален аспект, од аспект на разграничување на периодот на кој што се однесува даночната постапка. Првостепениот орган, а тоа е Управата за јавни приходи, секако има можност, ако се покаже дека тоа е потребно, да донесе соодветно решение, така да ние ќе ги преземеме сите правни инструменти што ни стојат на располагање како држава“, изјави вчера Ставрески.
Изјавата на Ставрески доаѓа по сензационалната вест дека екс министерот за здравство од СДСМ и близок соработник на Владо Бучковски повеќе не е на список на лица за кои македонската полиција има издадено потерница под сомнение дека направил криминал. Димов, кој повеќе од пет години живее надвор од државава, може да здивне. Тој не само што повеќе не се бара од органите на прогонот, туку (се)очекува и државата да му врати околу 490 илјади евра, колку што му беа запленети на име на неплатен данок. Меѓутоа, изјавата на Ставрески може да се протолкува и како дека работите нема да одат токму во тој правец како што најавија медиумите.
Она што е познато е дека Врховниот суд ја уважи жалбата на Димов по донесените решенија на Управниот суд и на Министерството за финансии. Токму со оваа одлука, донесена на седми ноември минатата година, е наложено да се укинат решенија со кои на Димов му е пресметан неплатен данок од 750.000 евра.
Највисокиот суд бил на став дека веќе донесените одлуки се спротивни на законот и дека такви решенија не можат да се донесуваат со тоа што законот ќе се применува ретроактивно. Целиот случај сега ќе се врати на повторно одлучување.
„Врховниот суд, донел исправна одлука. Јас решението на судот го примив кон крајот на минатиот декември, а веќе на трети овој месец го примив и решението на Министерството за финансии со кое се потврдува дека е уважена жалбата на Владо Димов“, вели правниот застапник на екс-министерот, скопскиот адвокат Панче Нефтенов.
Ако успее да одбегне нов процес, Димов ќе добие повраток на средства во висина од околу 490.000 евра, колку што на име неплатен данок му беа запленети од државата, а може да се надева и на повраток на „лавовски“ дел од оние 150.000 евра колку што Управата за јавни приходи успеа да заплени по пат на адмистративно извршување.
Дали УЈП ќе ги врати земените средства засега е непознато. „Ние немаме примено ништо од судот. Најпрво ќе треба да ја видиме одлуката која што е донесена за да видиме што понатаму ќе се преземе“, вели портпаролката на УЈП, Весна Новаковиќ.
Против Димов во моментов не се водат други судски спорови. Во меѓувреме струмичкиот суд ја повлече и потерницатата која беше распишана по него, поради наводна злоупотреба на службената положба со тоа што вработил 17 лица во Медицинскиот центар во Струмица. Со тоа се тврдеше дека го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони денари.
„До судот во Струмица доставивме адреса, а истражниот судија, преку нашето и министерството за правда на Бугарија, оствари контакт со софискиот суд каде Владо Димов дал исказ во Обвинителството. Тој исказ е примен и врз основа на него е донесено решение со кое се повлекува потерницата по него. За Владо Димов имаше потерница само поради тоа што не дал исказ во судот во Струмица“, вели за „Утрински весник“ неговиот бранител Панче Нефтенов.
И покрај тоа што целата вина на Димов се состоеше во тоа што дозволил вработување на 17 лица и на тој начин ја оштетил државата никој од 2008 година наваму, значи од денот на вработувањето на овие лица, не го оспорил нивното право и тие се' уште се на своите работни места.
Случајот на Владо Димов во изминативе години повеќе пати беше злоупотребуван и во политички цели. Неговото име се провлекуваше како синоним за човек кој со своето работење и функцијата која што ја вршел сторил злоупотреба на државни пари и затајувал данок. Димов, независно од обвинувањата, најпрво замина на времена работа во Турција, а по некое време тој се пресели во соседна Бугарија, каде како хирург работи во софиската болница „Токуда“.
Последниот „скандал“ кој се поврза со негово име се случи кон крајот на август 2009 година кога постапувајќи по потерницата, која беше активирана за него, беше приведен на аеродромот во Варшава.
„Ние не можевме да ги доставиме доказите со кои располагаме, бидејќи за Димов не беше одреден екстрадициски притвор. Доколку тој беше притворен тогаш ќе испратевме се', вака тој сега останува на слобода. Можам да кажам дека потерницата за него и натаму останува на сила“, изјави тогашниот министер за правда Михајло Маневски и најави дека Министерството за правда ќе постапува и во иднина. Тој, исто така реагираше на бугарското државјанство кое што го имал Димов, а како „лајт-мотив“ на целиот случај се надоврза и кажувањето дека како гарант за Димов бил бугарскиот конзул во Варшава.
Враќањето на Димов во земјава, ако се случи, ќе заскокотка многу врвни политички личности, а исто така може да внесе и немир во опозициските редови, со оглед дека тој во времето на владата на СДСМ на чело со Бучковски беше една од топ личностите во извршната власт и дел од кликата на тогашниот премиер.
Тодоров беше во „Токуда“, но не се сретнал со Димов
Министерот за здравство Никола Тодоров при еднодневната посета на Бугарија пред две недели, бил во приватната јапонска болница „Токуда“ во Софија, каде што веќе неколку години работи Владо Димов. Но, до средбата меѓу двајцата не дошло.
Од Министерството за здравство велат дека ни официјално, ни неформално Тодоров не се видел со Димов, бидејќи министерот имал само средба со директорот на „Токуда“, д-р Дренски. (Ј.Ј.) |