03.10.2012, 14:45 Отворен Информативен музејски простор на „Александар Велики“
Царинската управа на Република Македонија преку Информативен музејски простор ќе ги запознава патниците за нивните права и обврски при влегување и излегување од земјата. Се состои од поставка, банери и брошури со порака за патниците за видовите стока што се двозволени, забранети за внесување или изнесување од државата, односно стока која мора да биде пријавена на царинските органи.
Информативниот музејски простор го отвори директорот на Царинската управа Ванчо Каргов, а присустуваа и министерките за внатрешни работи и за култура Гордана Јанкулоска и Елизабета Канческа-Милевска.
- Поентата е да им се даде можност на патниците кои влегуваат или излегуваат од Македонија едноставно информција со цел да не се изложат на какви било непотребни работи, бидејќи често се случува да не знаат. Ова е пракса и од други држави, рече Каргов.
Во посебни стаклени витрини и на маси се поставени различни видови на стоки и предмети, кои се дозволени или забранети за внесување и изнесување, потоа стока и предмети кои подлежат на царински давачки, стоки и предмети на заштитени трговски марки, производи од животнско потекло, артефакти и археолошки предмети кои подлежат на заштита од конвенции за меѓународна трговија, како и информативни брошури за подобрување на информираноста и знаењето на патниците за нивните права и обврски при влегување и излегување од царинското подрачје на Македонија.
Информативниот музејски простор е од привремен карактер и во делот на стоки и предмети за презентација на патниците е организиран со збирка на веќе запленети стоки и предмети сопственост на Царинска управа, стоки и предмети отстапени во корист на државата и копиии на артефакти и археолошки предмети, монети, икони, етнографски предмети.
Постaвен е во соработка со Министерството за култура, Музејот на Скопје, Управата за заштита на културно наследсство, Агенцијата за управување со одземен имот и Министерството за внатрешни работи.
|