03.10.2012, 13:48 Австријци ќе инвестираат во еколошки проекти
Да се намали и рационално да се искористи отпадот и да се реализираат повеќе проекти во животната средина беше темата на средбата на македонски и австриски компании, во организација на Стопанската комора на Македонија.
На средбата министерот за животна средина Абдилаќим Адеми ги повика австриските бизнисмени да инвестираат во Македонија и посочи дека со законите се дефинирани границите и принципите за поставување системи за управување со разни типови отпад, но одредувањето на формата, начинот и оперативноста на системот е оставено како избор на индустријата.
Соработката меѓу Македонија и Австрија во делот на економијата е одлична веќе подолг период, оцени претседателот на Австриската комора од Корушка Франс Пахер, посочувајќи дека целта на денешната средба е да се намали отпадот и да најдат партнери во секторот животна средина.
„Треба да работиме на секторот обновливи енергии, подготвување на смет, проектирање, системи, оценување и пречистителни станици за отпадни води“, рече Пахер. |