03.10.2012, 13:08 Бесими: Македонија придонесува за регионалната и глобалната безбедност
Република Македонија претставува сериозен, кредибилен фактор на регионалната стабилност и земја која придонесува кон глобалната безбедност и светскиот мир, истакна министерот за одбрана Фатмир Бесими на состанокот на СЕДМ иницијативата што се одржува во Сараево.
- Токму поради тоа даваме висок приоритет на регионалната соработка и силно ги поддржуваме иницијативите во регионот, (особено СЕДМ, US - Аdriatic Charter, SEE Clearnghouse, RACVIAC) активно работејќи на одржување на добрососедските односи и продлабочување на соработката во одбраната, рече Бесими.
Според н��го, досегашната успешна работа во рамките на СЕДМ процесот докажува дека иницијативата е успешен модел на соработка на земјите во регионот и има клучна улога во воспоставување и продлабочување на дијалогот не само во областа на одбраната, туку и пошироко.
- Во правец на дополнително зајакнување на безбедносната соработка во регионот сметам дека актуелниот концепт на „паметна одбрана“ може да најде своја практична примена и во рамките на СЕДМ процесот. Во тој контекст, сакам да потенцирам дека изработката на СЕДМ Стратегискиот Преглед е од клучно значење и е вистински исчекор во однос на константните промени и комплексноста на современите безбедносни предизвици, потенцира Бесими.
Оцени дека постоењето и развојот на Бригадата на Југоисточна Европа е важен дел од СЕДМ процесот и нагласи дека Република Македонија изразува силна политичка волја за соодветен ангажман на бригадата преку селекција на најфункционалните можни начини на ангажирање.
Во однос на идното седиште на Бригадата за СЕЕБРИГ по 2015 година, Бесими рече дека перманентната локација во голема мерка ќе придонесе за повисок степен на оперативна подготвеност на бригадата и оти донесувањето на правилна политичка одлука е обврска на сите.
- Би сакал да потенцирам дека како министер и Министерството за одбрана силно сме посветени кон унапредување на регионалната соработка. Само со искрена соработка меѓу соседите, дијалог и меѓусебно разбирање можеме да градиме доверба и на тој начин да го демонстрираме нашиот демократски капацитет и чувство на одговорност кон регионот, рече министерот за одбрана.
Меѓу другото Бесими истакна дека Република Македонија го поддржува и развојот на новите СЕДМ проекти како што се Иницијативата за градење на интегритет и проектот „Жените-лидери на Конференцијата за безбедност и одбрана“.
На крајот од обраќањето министерот Бесими му честиташе на командантот на СЕЕБРИГ, бригадниот генерал Здравко Поповски за неговата успешна работа во изминатиот период со надеж дека и во преостанатиот дел од неговиот мандат ќе го искористи своето искуство стекнато во Армијата на Република Македонија во зајакнатата функционалност на СЕЕБРИГ.
|