23.07.2012, 19:08 Градоначалникот на Кочани се оградува
Градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски, вчера испрати писмо до „Утрински весник“ во кое се оградува, како што вели, од неавторизираното интервју во нашиот весник. Писмото на кочанскиот градоначалник, во кое за волја на вистината, нема содржина на демант, го објавуваме во целост:
„Воден од мојот став дека новинарите секогаш или најчесто го имаат последниот збор, изминатиов месец и половина не сакав да го користам правото на исправка за да ја информирам јавноста дека во интервјуто под наслов „Нема да барам нов мандат“ во „Утрински весник“ од 11.06. 2012 година се извадени од контекст дел од моите искази во разговорот со вашиот новинар Иван Бојаџиски.
Во написот со наслов „Градоначалници од истокот бараат нов мандат“ од 23 јули 2012 година од истиот автор, повторно се коментираат делови од тоа интервју.
Сакам да ја информирам јавноста дека се оградувам од неавторизираното интервју, вчерашниот напис од насловната страница и написите и коментарите поврзани со него во повеќе наврати – во вашиот весник и на други места.
По прашањето за кандидатурата за градоначалник за претстојните локални избори, се' уште не размислувам. Темите во таа насока сметам дека се беспредметни, затоа што за тоа решаваат партиските структури на државно ниво. Мојата намера е да си го доработам мандатот и да реализирам што повеќе успешни проекти за Кочани“. |