23.07.2012, 19:15 Бан Ки-мун со јапонска агенда во Македонија
Генералниот секретар ќе почне со активностите од седум часот наутро
Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, вечерва ќе дојде во Македонија, а сите средби, обраќања, прошетки и активности ќе ги остварува јапонски - од многу рано наутро, па до вечерта. Таквата неверојатна агенда внесе забуна во земјата, бидејќи звучеше нелогично дека во текот на еден ден ќе има прес-конференција во Охрид, ќе прошета низ градот заштитен од УНЕСКО, ќе се обрати во македонскиот парламент рано претпладне, ќе има средби со премиерот и шефот на дипломатијата придружуван од медијаторот Метју Нимиц и ќе си замине од Македонија. Што ќе донесе Ки-мун не се знае, но се знае дека работните средби ќе ги почне во среда со седум наутро (или еден по полноќ по њујоршко време) и дека неговиот работен стил сме го виделе само со Весли Кларк, кога престојуваше тука како командант на НАТО.
Наспроти тврдењата на македонските медиуми дека Бан Ки-мун е првиот генерален секретар на ОН што ја посетил Македонија, архивите покажуваат дека тој е втор, и дека во 1999 година заради посета на кампот Стенковец во земјата беше Кофи Анан и се сретна со тогашниот премиер Љупчо Георгиевски. Бан Ки-мун, освен што ќе добие формални подароци, ќе биде и првиот што ќе се провози во „мерцедесот“ вреден 600.000 евра што го купи пред три недели МВР, што треба да биде гест за тоа колку неговата посета се цени во нашиот естаблишмент. Ова е сепак прва турнеја на генерален секретар на ОН низ целиот регион, а посетата на Македонија ќе ја искористи и да го отвори спорот за името, при што во нашиот државен врв се надеваат тоа да биде централна тема.
„Фактот што во придружба на Бан Ки-мун ќе допатува и неговиот специјален претставник за спорот со името Метју Нимиц, го гледаме како потврда на важноста што Генералниот секретар на ОН ја придава кон што побрзо разрешување на ова прашање и изнаоѓање начин за интензивирање на процесот. На генералниот секретар и посредникот Нимиц ќе им биде повторен нашиот конструктивен приод и решителност за што побрзо изнаоѓање заеднички прифатливо решение во врска со спорот со името“, изјавија од МНР по повод посетата. Од Скопје Нимиц ќе замине во Солун на средба со грчкиот претставник во разговорите за името, амбасадорот Адамантиос Василакис, кој потоа треба да ја брифира грчката Влада.
Домаќин во Охрид на Бан Ки-мун ќе биде претседателот Ѓорге Иванов, со кого утре наутро ќе има официјална средба и заедничка прес-конференција. Според најавата од МНР, на средбите Бан Ки-мун ќе биде информиран за постигнувањата на Македонија од нејзината независност и 19-годишното членство во ОН: изградбата на мултиетничка функционална демократија, придонесот за регионалниот развој и добрососедските односи, унапредување и почитување на човековите права во светот и зголеменото учество во мировни операции на ОН.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун од Скопје заминува за Босна и Херцеговина, со што ќе ја заврши балканската турнеја во која беа опфатени сите држави од поранешна Југославија. (С.Ј.) |