23.07.2012, 19:06 Обвинетите негираат измами на патарините
Во Врховниот суд започна најголемиот судски процес во земјава, им се суди на 87 вработени во „Македонија пат“
Во салата на Врховниот суд, вчера, започна најголемиот судски процес во земјава. Вкупно 87 вработени во „Македонија пат“ во акцијата „Калдрма“ се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и фалсификување исправа. Според обвинителниот акт, тие ја оштетиле државата за 1,8 милион евра, со тоа што на патниците им издавале лажни фискални сметки, кои сами ги изработиле, а парите оделе во приватни џебови.
Почетокот на судењето мина во драматична атмосфера откако обвинетите пристигнуваа од Истражниот затвор „Скопје“, а нивните блиски сакаа да ги прегрнат, што не им беше дозволено. Дел од роднините останаа пред вратата на судницата, оти внатре немаше доволно место за обвинетите, нивните адвокати и новинарите. Самото обвинение е изработено на 400 страници, но вчера се читаше само дел од него.
Првообвинетиот во процесот, раководителот Ирфан Идризи, негираше дека земал пари и ги правел смените, ниту, пак, знаел дека оти се користат фалсификувани фискални сметки. И другите обвинети, кои сведочеа вчера, тврдеа дека немаат никаква врска со незаконските активности.
Адвокатите се уверени дека Обвинителството нема докази против нивните клиенти, ниту, пак, фактичката состојба утврдува нивна вина.
Акцијата „Калдрма“ беше реализирана при крајот на минатата година. Претреси беа извршени во домови на осомничените, како и во службени простории на „Македонија пат“. Уапсени беа 92 лица, од кои 82 вработени на патарините, кои беа осомничени дека злоупотребиле 120 милиони денари. Според Министерството за внатрешни работи, на инкасаторите им било плаќано и фиксно од 100 до 500 евра месечно.
Овој судски процес е продолжение на полициската акција „Змиско око“, кој беше вратен од Апелација и сега одново се суди. Судењето започна среде судска ферија, бидејќи станува збор за притворски предмет. Се очекува процесот да биде исцрпувачки. (Х.Р.) |