29.07.2010, 18:07 Германец го најмил првиот велосипед
Првиот ден биле наjмени 21 велосипед и сите биле уредно вратени
Ако се суди по првиот што најмил велосипед, проектот на ЈП „Градски паркинг“ ќе заживее. Сефте е направено само десетина минути по официјалната промоција на проектот. Велосипед изнајмил германски државјанин од пунктот на градскиот плоштад и се возел цели пет часа.
Германецот повлече нога, коментираа вчера од ЈП „Градски паркинг“ задоволни од интересот на граѓаните по првиот ден од стартот на проектот. Според првичните анализи, првиот ден биле изнајмени 21 велосипед, кои просечно биле користени 3 часа. Најмногу велосипеди се изрентале од градскиот плоштад, вкупно 15, а по три велосипеди биле најмени од пунктовите во Капиштец и во Аеродром.
„Не е регистрирано ниту едно оштетување или друг вид злоупотреба на најмените велосипеди. Сите биле уредно најмени и вратени на местата определени за таа намена“, изјави вчера Борче Јакимовски, директор на ЈП „Градски паркинг“. Според него, засега крајниот термин за рентање на велосипедите нема да биде продолжен, иако на тоа инсистираат дел од граѓаните што вчера ги затековме како најмуваат велосипед на плоштадот. Надлежните утврдиле дека од безбедносни причини во овој тест-период на проектот најдобро ќе биде најмувањето да се врши само до 21 часот.
Во текот на вчерашниот ден уште во 8 часот на градскиот плоштад бил изнајмен првиот велосипед, а во интервал од дваесетина минути се изнајмиле уште 6 велосипеди, податок што очигледно докажува дека скопјани сакаат да возат велосипед ем рекреативно ем да го користат како побрзо и поевтино алтернативно превозно средство. Велосипед може да најми секој полнолетен граѓанин со приложување на лична карта. Еден час „рентање“ чини 10 денари. (Дс.Т.) |