16.05.2012, 18:19 Без Илиевски со Литванија
Поради обновена повреда на мускулот репрезентативниот бек ќе го пропушти стартот на подготовките на олимписките квалификации
Селекторот на кошаркарска репрезентација на Македонија, Марјан Лазовски, се соочува со голема главоболка пред стартот на подготовките за претстојните олимписки квалификации, кои ќе се одржат од 2 до 8 јули во Венецуела. Поради обновување на повредата на мускулот на ногата, Владо Илиевски ќе мора да му се приклучи на националниот состав нешто подоцна. Тоа значи дека репрезентативниот бек нема да отпатува за Литванија каде што од 11 до 18 јуни ќе одиграме пријателски натпревари со домаќинот селекција и, засега, со Русија.
„Илиевски нема да може да ни се приклучи на стартот на подготовките. Резултатите од прегледи��е покажаа дека ќе мора да се подложи на терапија, а доколку биде се' во ред, очекуваме во составот да го имаме по враќањето од Литванија“, вели Лазовски.
Предводникот на „црвено-жолтите“ заедно со челниците на македонската кошаркарска федерација ќе се обидат да издејствуваат дел од терапиите Илиевски да ги изврши во Скопје со цел еден од најискусните играчи да биде присутен на првиот собир.
„Би сакал, доколку е тоа можно, дел од терапијата да се изврши во Скопје. Неговото присуство ќе биде од големо значење за целата репрезентација. Но, дали ќе може сето тоа да се изведе ќе биде познато во скоро време. Инаку, нема да форсираме кога станува збор неговата повреда, не смееме да ризикуваме. Подобро да ја пропушти првата фаза од подготовките за на квалификациите да го имаме целосно рехабилитиран“, вели во продолжение Лазовски.
Доколку заздравувањето на бекот на Локомотив Кубан оди со посакуваното темпо, во периодот додека нашите репрезентативци ќе бидат во Литванија, Илиевски во Скопје ќе работи според посебна програма за која ќе биде задолжен Сандро Беркардино. Според агендата за подготовки, по Литванија нашата репрезентација е предвидено да одигра и пријателски натпревар со селекцијата на САД во периодот од 23 до 26 јули, по што ќе гостува и на Порторико. Нашиот национален тим ќе замине за Венецуела на 30 јуни.
Македонија во олимписките квалификации во Каракас е во група со Ангола и Нов Зеланд. Првите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат место во четвртфиналето, а за да обезбедат место во Лондон ќе биде потребно да се најдат во најдобрите три места. (М.K.)
Чековски и Гечевски остануваат во МЗТ Скопје
MЗТ Скопје почна да го креира ростерот за следната натпреварувачка сезона со продолжување на соработката со домашните играчи. Челниците на тимот од „Јане Сандански“ прво на уште една година го осигураа искусниот тандем, Ѓорѓи Чековски и Тодор Гечевски. Условите што ги понуди управата на „металците“ биле прифатливи за репрезентативците од кои се очекува да бидат носители на играта во Јадранската лига. За наредните денови останува и разврската со останатите домашни играчи, капитенот, Тони Грнчаров и Огнен Стојановски, кои влегуваат во групата на кошаркари чиј договор истече со завршување на сезоната. |