17.05.2012, 15:02 МЗТ Скопје со Тодоров ќе „плови“ по Јадранот
По освојувањето на двојната круна младиот тренер ја доби довербата од управата на клубот и за наредната сезона
Александар Тодоров и во наредната сезона ќе го предводи тимот на МЗТ Скопје. По освојувањето на двете шампионски титули младиот тренер ја доби довербата од управата на клубот, овојпат дополнета со обврска која нема да биде нималку лесна - АБА Јадранска лига.
„Со управата на МЗТ Скопје постигнавме договор да продолжам со мојата работа како прв тренер во сениорската екипа. Се заблагодарам за довербата што ми ја дадоа да ја водам првата македонска екипа што ќе настапи во јадранската лига“, вели Тодоров во своето писмено обраќање кон медиумите.
Желбите во Јадранската лига се едно, а реално��та е сосема друга. „Металците“ ги очекува голем предизвик, па затоа и амбициите во првата сезона се скромни. Освојувачот на двојната титула во домашното првенство во оваа сезона, во дебитанското учество ќе се обиде достојно да ја претстави македонската кошарка во друштво на звучни и моќни клубови.
„Настапот во Јадранската лига е голем предизвик. Мора да бидеме свесни дека не' очекуваат осум натпревари против екипи-учесници во Евролигата и уште шест средби против екипи кои настапуваат во Еврокупот. Македонска екипа ниту еднаш досега не играла официјални натпревари против екипи од Евролигата, а веќе 18 години ниту еден наш претставник ги нема одмерено силите со ривал во Еврокупот. Но, без разлика на тоа, можам да ветам дека во првата сезона во Јадранската лига ќе се стремиме да победиме во што повеќе мечеви, а дали на крајот тоа ќе биде доволно за шесто или дванаесто место ќе покаже времето. Нормално амбициите за домашната сцена остануваат исти како сезонава“, заврши младиот предводник на МЗТ Скопје. (М.К.)
|