15.05.2012, 14:12 Азар се сели во Манчестер
Трансферот во Премиер-лигата го потврди и самиот играч, а засега останува енигма дали Белгиецот го одбрал Јунајтед или Сити
Најдобриот стрелец во француското фудбалско првенство во изминатите две сезони, Еден Азар, се сели во Манчестер. Трансферот во Премиер-лигата го потврди и самиот играч, а засега останува енигма дали Белгиецот го одбрал Јунајтед или Сити.
„Одам во Манчестер. Тоа веќе го кажав. Одлуката е 90 отсто сигурна, но секогаш постојат ситници што може се да променат. Наскоро ќе знаете каде е мојата иднина“, рече Азар при доделувањето на наградите во Франција.
„Сити ја освои титулата оваа сезона и има добри фудбалери, извонреден тренер и убав проект. Во Јунајтед сите го знаеме Фергусон и талентираните играчи во неговиот тим“, додаде 21-годишниот белгиски офанзивец кој оваа сезона во дресот на Лил реализира 17 гола и 15 асистенции.
Според интернет-порталот www.transfermarkt.de неговата пазарна вредност достигнува 27 милиони евра, но се шпекулира дека за негов ангажман ќе биде потребна сума од 40 милиони евра. Белгиецот од Ла Лувие е дете на Лил, клуб во кој ги мина младите категории, а во летото во 2007 година беше прекомандуван во првиот тим. За екипата од „Метрополитен“ одигра 193 меча во кои постигна 50 гола и подели 70 додавања. Азар важи за голема надеж на репрезентацијата на Белгија со која ќе игра и Македонија во квалификациската група за пласман на СП 2014 во Бразил.
|