15.05.2012, 17:44 Малдонадо сега ја посакува и титулата во Ф1
Младиот Венецуелец стана вистински херој откако спаси роднина во огнената стихија во боксот на Вилијамс по трката за ГН на Шпанија
Пастор Малдонадо е името кое до максимум ја замолкна тркачката еуфорија што изминатиот викенд се надви над Шпанија. Младиот пилот на Вилијамс ја скрати радоста на голем број на фанови на Пиринејскиот Полуостров кои стискаа палци за нивниот миленик и сонародник Фернандо Алонсо, кој на крајот, сепак, мораше да се задоволи со второто место во трката за ГН на Шпанија.
По катастрофалната ланска сезона на Вилијамс, сега, гладта и амбициите на тимот за успех се зголемија. Оттаму навестуваат дека и покрај тоа што немаат конкурентен болид, можат да се надеваат на дофат на врвот во Ф��рмула 1.
„Можеби во моментов немаме болид со врвни перформанси, но како и во многу други спортови, така и во овој, изненадувањата се придружен дел. Во тимот работат на подобрување на перформансите, а и кај мене се подобрува возачкото чуство. Па нема причина за губење на надежите во битката за титулата“, изјави Малдонадо.
По неделната трка пилотот на Вилијамс се наоѓа на деветтата позиција со 32 поени во генералниот пласман во конкуренција кај возачите. Пилотот од Венецуела стана петтиот сезонава кој успеа да се искачи највисоко на пиедесталот. Успехот на Вилијамс на Пиринејскиот Полуостров и не е до толку изненадувачки ако се земат предвид финансиските извештаи од официјалните списоци во Ф1, кои упатуваат дека Малдонадо е еден од возачите со најголема финансиска поддршка за разлика од останатите негови конкуренти. Парите што тој ги добива од нафтените компании во неговата земја засега во целост и ги оправдува.
Во Шпанија неговото име ќе биде запаметено и по херојското дело што го направи по трката. Гаражата на Вилијамс, од засега непознати причини, ја зафати огнена стихија, а победникот во трката го ризикуваше својот живот да спаси други, во што и успеа, откако од боксот го извлече неговиот помлад роднина. Тројца членови на Вилијамс од вкупно седуммина беа повредени, но и веднаш згрижени во најблиската болница.
Според сведочењата, огнот се случил за време на позирањето на заедничката славеничка фотографија, кога одеднаш од резервоарите за гориво избувнал пожар. Болидот на Малдонадо не се наоѓал во гаражата. Во неа бил оној на Бруно Сена. Бразилецот предвреме ја заврши трката по судирот со Михаел Шумахер од Мерцедес. (Љ.В.) |