03.07.2008, 16:33 Спас за измамените од „Фи-ком“ е нов инвеститор
Што ќе се случува понатаму во оваа станбена афера многу ќе зависи од тоа што ќе одлучат оштетените
Љубиша Станковиќ
„Сега, по цели две години протести и талкања по судовите, имаме некаква надеж дека барем малку од малку ќе се обесштетиме“, искоментира една жена која во вторникот присуствуваше на испитно-стечајното рочиште за аферата „Фи-ком“. Нејзината среќа почива на фактот дека зградите што ги градеше фирмата „Фи-ком“ не влегоа во стечајната маса, но и на тоа што сега ќе треба да се докажува сопственоста на сите изградени или недоизградени станбени и деловни локали.
Оваа жена вели дека и' е преку глава и тоа што во изминативе две години била присутна на сите случувања кои се поврзуваа со една од најголемите градежни афери во државава. Во наплив на искреност, таа рече дека можеби претерала и со сопственото медиумско експонирање, но дека „можеби токму медиумите биле тие кои најмногу помогнале во расчистувањето на измамите со двојните и тројните продажби на становите кои ги продавале Никола Николиќ и неговата сопруга Весна Столевска-Николиќ“. Сопружниците во моментов се на издржување на десетгодишни затворски казни.
Она што сега е важно за стотиците измамени во аферата „Фи-ком“ е одлуката на стечајниот судија и тужбите кои допрва ќе треба да следат и со кои ќе треба да се докажува правото на сопственост. Што ќе се случува понатаму многу зависи и од самите оштетени. Некои од измамените може да се надеваат дека ќе дојдат до своите скапо платени станови, но дали тие самите ќе ги довршуваат или тоа ќе го сторат со обезбедување инвеститор кој ќе ги откупи објектите, ќе треба да се почека.
Како и да е, аферата која речиси две години ги потресува сопствениците на становите во „Антигона 1 и 2“, „Ева“, „Филип“, „Дана“, „Николина“ и можеби на уште некоја зграда е пред разврска.
„Меѓу оштетените има и судии, обвинители и адвокати. Може само да си замислите како е кога искусни правници се измамени само поради тоа што не постоела никаква правна заштита. Луѓето, едноставно, не можеле да знаат ништо повеќе од она што им било презентирано од претставници на локалната власт, а се' било право покриено. Поради одредени законски недоречености, ни се случуваат афери од типот на ’Фи-ком‘, ’ГИА инженеринг‘, ’Самарија‘, ’Конартис‘ и кој ли уште не? Во имотните листови стојат заведени старите објекти, а новите згради никаде не се евидентирани“, вели адвокатката на измамените станари Лорија Ваневска. „Жалам што измамата за ’Фи-ком’ заврши вака. Сметам дека Никола и Весна Николиќ не можеле самите да го направат сето ова. Но, ова не зависи само од нас, туку и од државните органи кои можеби малку повеќе требаше да прочепкаат во оваа голема афера“.
Како дојде до скандалот наречен „Фи-ком“ и по две години откако избувна е тешко да се каже. Добриот глас што брачната двојка Николиќ го стекна започнува со нивниот прв изграден објект. За зградата викана „Минопол“ ќе се говори како за објект кој е изграден брзо и квалитетно и пред се' со решени комунални и имотни прашања. По оваа, Никола и Весна на улицата „Виктор Иго“ ќе изградат уште две други згради. И за нив ќе се говори како за солидно изградени згради за кои од купувачите е побарана реална цена на чинење за квадрат��н метар.
Од по трње на оние што мислеа дека ќе ги решат своите станбени проблеми
За фирмата „Фи-ком“ и надлежните ќе кажат дека е „градежна компанија која е на бела листа“. По кратко време „Фи-ком“ пристапи кон изградба на објектот наречен „Антигона“, а само една година подоцна започна со градба на „лепенка“ која е наречена „Антигона 2“, но работите ќе се прекршат на самиот крај на 2005 година, а веќе кон средината на август следната година почнаа и првите проблеми. Граѓаните кои издвоиле средства за таканаречена заедничка градба ќе бараат од сопствениците на „Фи-ком“ раскинување на договорите и враќање на вложените средства.
За Никола Николиќ се шпекулира дека побегнал од земјата со парите што му биле дадени, но тој се' до неговото апсење, кое се случи кон средината на септември, правеше напори да обезбеди средства со кои или ќе ги обесштети купувачите или ќе ги доизгради започнатите објекти.
Веројатно, тука и треба да се бара клучот на проблемот со Еуростандард банка. Имено, Никола Николиќ тврдеше дека, и покрај срочениот нотарски акт за обезбедување рамковен риволвинг-кредит од 90 милиони денари, парите никогаш не ги добил. Банката едно време и посегна по имотот на „Фи-ком“, со образложение дека станува збор за активирање на хипотеката.
Клучен пресврт во целата работа донесе стечајната управничка Весна Спировска, која а оспори хипотеката, но на Еуростандард банка и' призна парично побарување. Станува збор за 15 милиони денари кои цело време откако се отвори аферата „Фи-ком“ се спомнуваа како некои реално исплатени средства.
„Сега имаме една атипична ситуација. Стечајниот управник не ја признава хипотеката, а, од друга страна, не' упатува на парично побарување. Она што е битно за банката е дека се разби фамата, односно дека се дадени пари. Затоа и очекуваме неевидентираното да не се признае и врз основа на тоа да се реализира наплатата на хипотеката“, вели адвокатот Славчо Секулов, правен застапник на Еуростандард банка.
Што ќе се случува понатаму со имотот на „Фи-ком“ може само да се насети. Измамените купувачи на станови сметаат дека сега можат да си дозволат таква слобода да изберат начин на кој ќе бидат обесштетени.
Адвокатот Љупчо Андоновски, кој во стечајниот судски предмет застапува повеќемина измамени, вели дека е најреално и најбезболно да се најде инвеститор кој можеби не во целост, но ќе ги обесштети во добар процент.
Андоновски потврдува дека веќе има прелиминарни разговори со еден таков инвеститор, но дека детали нема да се изнесуваат се' до окончување на целата постапка.
Иако адвокатот не сака многу да говори за ваквата можност и за потенцијаниот инвеститор, сепак, се говори дека можен купувач на зградите на „Фи-ком“ е градежниот магнат и милијардер Беџет Пацоли. Дали Пацоли или некој сличен на него ќе претставува спас за десетиците, еднаш веќе измамени граѓани, ќе покаже времето. |