03.07.2008, 16:31 Тетовци и охриѓани го празнуваа Св. Наум
ТЕТОВО, ОХРИД - Тетовци и охриѓани со пригодни свечености го прославија големиот црковен празник Свети Наум. На Попова Шапка имаше голем број верници, особено од Тетово и од Скопје. За присутните посебно заживување беше земањето делови од владичката кошула и осветени крвчиња. Православни христијани, муслимани, католици, можеа да се забележат во манастирот „Св. Наум“ во Охрид.
Вчера во манастирскиот комплекс на Попова Шапка е извршено големото евангелисување во црквата посветена на Свети Наум Охридски - Чудотворец. Со православните свечености чиноначалствуваше епархискиот архијереј, митрополитот на Полошко-кумановската епархија, владиката г. Кирил.
„Со помош на нашите верници наскоро ќе бидат доизградени манастирските конаци. Комплексот е посветен на преподобниот чудотворец Наум Охридски, а без него и без дејноста на неговиот соработник Климент, делата на светите браќа Кирил и Методиј ќе исчезнеле“, нагласи владиката Кирил во својата беседа.
Десетина илјади граѓани завчеравечер и вчера беа во манастирот „Св. Наум Охридски- Чудотворец“ во близината на Охрид. Како и во изминатите повеќе од 11 век палеа свеќи и носеа дарови со надеж дека Чудотворецот ќе им помогне. Луѓето беа среќни што оставиле дар на манастирот и што го ставиле образот на плочата на гробот на Свети Наум. Побарале помош и рекоа дека го почувствувале биењето на срцето на светецот како знак дека тој ја слушнал нивната молба.
„Свети Наум бил познат по добрите дела и по чудотворната моќ. Изградил манастир. Ова е рајот на земјата и веројатно затоа народот толку многу верува во неговите чуда“, објаснува проф. д-р Стојан Ристески, автор на неколку книги за манастирот и за светецот.
„Не сум христијанин, но верувам во чудотворната моќ на Свети Наум. Јас сум од муслиманска вероисповед и секоја година доаѓам да се поклонам на неговиот гроб зошто тој по моите молби ми го спаси синот“, раскажува човек кој заедно со семејството трпеливо чекаше ред да влезе во манастирот. (Г.Е.- С.И.)
|