20.10.2011, 15:01 Тричковски и Апоел непоразени и кај Порто
Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски продолжува со својот Апоел да ја изненадува фудбалска Европа. По нерешените 1:1 кај Шахтјор, сега Кипраните останаа непоразени и на тешкото гостување на „Драгао“ кај Порто. Домаќините поведоа со голот на Халк од слободен удар во 13 минута (голема грешка на голманот Киотис). И по тој гол Порто продолжи со пресингот, но Аилтон (еден од седумте Португалци во стартната постава на Апоел) со извонреден удар го израмни резултатот.
Порто се обиде во вториот дел да постигне гол, но не успеа.
„Групата е комплетно отворена . Сега мора да го совладаме Апоел во гости. Но мора да кажам дека Апоел не е баш таму некој тим. Станува збор за добро организирана екипа, која се брани со многу фудбалери. Апоел покажа зошто го совлада Зенит, а со Шахтјор одигра нерешено“, изјави по мечот тренерот на Порто, Витор Переира.
Резултати:
Група Е: Челзи - Генк 5:0, Леверкузен - Валенсија 2:1. Табела: Челзи 7, Баер Л. 6, Валенсија 2, Генк 1.
Група Ф: Олимпијакос - Борусија Дортмунд 3:1, Марсеј - Арсенал 0:1. Табела: Арсенал 7, Марсеј 6, Олимпијакос 3, Борусија Д 1.
Група Г: Шахтјор - Зенит 2:2, Порто - Апоел 1:1. Табела: Апоел 5, Зенит 4, Порто 4, Шахтјор 2.
Група Х: Милан - Бате 2:0, Барселона - Плзен 2:0. Табела: Милан 7, Барселона 7, Бате 1, Плзен 1
Ставрев без грешка на „Камп Ноу“
Најдобриот македонски фудбалски судија, интернационалецот Александар Ставрев, успешно дебитира во Лигата на шампионите како главен арбитар на натпреварот меѓу Барселона и чешкиот првак Викторија Плзен, кој заврши со победа на Каталонците од 2:0. Ставрев е прв судија од Македонија во групната фаза од најатрактивното и најсилно клупско натпреварување во Европа и прв Македонец што ја делеше правдата на светскиот фудбалски гигант Барселона, и тоа на нејзиниот стадион „Камп Ноу“, пред повеќе од 80.000 гледачи.
На Ставрев му помагаа Марјан Кировски и Љубомир Крстевски, четврти судија беше младиот и перспективен Дејан Јакимовски, а зад двата гола Димитар Мечкаровски и Горан Спиркоски. Комплетна судиска шесторка од Македонија според новите правила на УЕФА за Лигата на шампионите и за Лига Европа, а заради подобра контрола на играта и помалку грешки при носењето одлуки во спорните моменти.
Според мислењето на неговите македонски колеги, Александар Ставрев успешно ја заврши работата на „Камп Ноу“, а дознаваме и дека од неговото судење бил задоволен и контролорот Марк Бате од Франција. Познатиот поранешен судија, сега член на Судискиот одбор на УЕФА, не случајно бил одреден да го контролира судењето на Ставрев, кој е еден од сериозните кандидати во наредната сезона да се најде во првата група на најдобрите европски судии.
На мечот во Барселона македонскиот делител на фудбалската правда не покажа ниту еден жолт картон, што ретко се случува во Лигата на шампионите. Тој трипати дозволи предност, вклучувајќи ја и акцијата при вториот гол на Барса што го постигна Давид Вилја.
По средбата Мечкаровски не тргна со своите колеги за Скопје, туку отпатува на Кипар, каде што во Ларнака и во Никозија ќе ги суди натпреварите Исланд - Летонија и Исланд - Кипар од квалификацискиот турнир за Европското првенство за фудбалери до 19 години. Македонија таму ќе ја претставува и помошниот судија Душко Милошевски, кој вчера замина за Кипар. (М.М.)
|