06.12.2012, 16:41 Инспекцијата да не се меша во стручноста на лекарите
Јасмина Јовановска- Вељановска
Кога треба да се лекуваат болните од рак, ќе оценат лекарите, а не тогаш кога ќе наредат државните органи. Ова е ставот на Клиничкиот синдикат, од каде што велат дека нема да дозволат инспекцијата да им се меша во стручноста. Лекарите немаат намера да ги отворат и амбулантите по клиниките и болниците кои се во штрајк, како што наложи здравствената инспекција, а итните случаи и натаму ќе се прегледуваат само во ургентните центри. Мерките на инспекцијата за Клиничкиот синдикат се нелегитимни, како што не е легитимна ни вонредната акција, поради што најдоцна денеска ќе поднесат тужба против Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
„Инспекција во услови на штрајк е неоснована, а не се легитимни ни мерките, бидејќи за цело време на штрајкувањето работата се одвива според условите предвидени со штрајк. Сите пациенти се прегледуваат, а се лекуваат само итните случаи. Инспекцијата била спроведена и наменски кон одредени лекари кои се истакнати во штрај��от. Сметаме дека инспекцијата е политички притисок и злоупотреба на државна институција против која ќе поднесеме тужба“, изјави претседателот на Клиничкиот синдикат д-р Дејан Ставриќ.
Тој тврди дека доколку бил вратен некој онколошки случај, тоа било затоа што може да чека, или морало да се направат диполнителни испитувања за пациентот да се доведе во кондиција за лекување.
„За секоја од петте пациентки со карцином кои од Гинекологија биле пуштени дома, а кои здравствената инспекција ги дефинира како вратени случаи поради штрајкот, имало причина поради која и' била одложена операцијата, а сите минале и преку онколошки тим. Едната имала анемија, другата морала да направи дополнителен тумор-маркер“, објаснува д-р Ставриќ и предупредува дека ваквото мешање во експертизата на лекарите може само да доведе до лекарска грешка.
Тој уште еднаш повтори дека во штрајкот не се вклучени ургентните центри, Токсикологија, Инфективна и Онкологија. И од Онкологија вчера се огласија дека не се во штрајк. Директорот д-р Милан Ристески тврди дека не вратиле ниту еден пациент, а не знаеше дали петте гинеколошки случаи посочени од здравствената инспекција минале на онколошко мислење. Тој се пофали дека единствениот лекар за утврдување малигни дијагнози со исклучок на гинеколошките, д-р Љубе Ивковски, кој најави дека ќе си замине од Клиниката поради платата според сработеното, сепак, останува. „Помалата плата на овој лекар беше софтверска грешка, која сега ќе се исправи и ќе му се вратат парите“, додаде д-р Ристевски.
Но, д-р Ивковски сепак останува на ставот дека си заминува на 25 овој месец. „Многу услови на клиниката треба да се сменат за да останам“, кратко изјави д-р Ивковски.
И Хелсиншкиот комитет за човекови права застана на страната на лекарите. До Министерството за здравство доставиле писмо во кое апелираат да престане да се попречува штрајкот и да се повлечат притисоците, заканите кон лекарите и политичкото етикетирање. Порачуваат министерот веднаш да почне итни преговори со Самостојниот синдикат во насока на смирување на лекарското незадоволство. |