18.10.2011, 18:30 Лавандата ми го врати животот
Лилјана Петровиќ, менаџерката на Тоше, го живее третото поглавје од својот живот, сплотена со природата и далеку од светот на естрадата
Валентина Тодоровска
„Кога ќе помислам на Тоше, а не минува ниту еден ден да не ми прелета неговата слика преку очи, го имам чувството на исполнетост“ - ни рече Лилјана Петровиќ, менаџерката на Тоше Проески, која на еден ден беше во ��рушево, на годишнината од трагичниот настан. „Често го сонувам и ретко, навистина ретко, доаѓам во Македонија, потоа заминувам експресно, иако дел од срцето ми остана тука... Што да кажам - дадов се' од себе, се вградив во неговата музичка приказната, и откако го нема веќе немам што да кажам. Раскрстив со естрадата, прекинав со менаџерството, после Тоше веќе нема музика во моето срце“.
По трагедијата со Тоше, Лилјана се врати во Ниш. Тоа беа години на болка, себеиспитување и верување во чуда. Кога времето и' дозволи да се соочи со реалноста и со фактот дека чудата, барем во овој случај, ги нема, таа во викендичка, во околината на родниот град, засади лаванда. Сосема сплотена со природата, им се препушти на растенијата. Вели дека знае да зборува со часови со лаванда, сосема несвесна за животот околу неа.
„Првата асоцијација и желба да одгледувам лаванда беше Тоше. Го обожававме ова растение, тој беше вљубен во неговата миризба, јас ја сакав бојата. Сите концерти на море, особено на Хвар, купувавме лаванда, таа миризба смирува и дарува спокој. Ништо не заборавив, се' е уредно спакувано во моето срце и ме грее...“.
Процесот со лаванда беше долг и на почетокот Лилјана се опреми со литература, почна да и' ја проучува „душата“. За да успее, за да лаванда има убав цвет, светлоста и сонцето се многу важни, поднебјето да биде со медитеранска клима, со многу топли сончеви периоди.
„Станав вистински стручњак за лаванда, ама и за смил, нане... Ми велеа дека нема да успее, дека расте само покрај море, но лавандата вирее и во континентални краишта, на надморска височина од 1.200 метра, уште поубава е поприродна. Кога и да ја мириснев имав чувство дека организмот ми се чисти, ми се исчистија мислите, како да ми се врати животот. Денес можам да се пофалам дека мојата лаванда, според квалитетот, е четврта во светот, ја одгледувам на апсолутно најчистиот дел на Србија, и да, многу сум горда. По трагедијата што ми се случи, вистинско чудо е што сум жива и што сакам нешто да направам со себе...“.
Позната како „воркохолик“, Лилјана со денови работеше. Се менуваа денови, недели, годишни времиња, а резултатот беа преубави цветови, и потоа - уште еден нов и голем чекор.
„Така, лека полека сфатив дека работата стана голема. Веќе на пролет ќе почне со работа фабриката за преработка на маслото од лаванда, што ми ја врати вербата во животот. Кај мене е се така - кога навистина нешто сакам, не постои резервен план и ми се чини дека и космосот е на моја страна. Како што вели мојот омилен писател Куељо - кога нешто навистина искрено сакате, целата планета работи на неговото остварување“.
Лилјана вели дека е ова нејзиното трето поглавје во животот. Првин се занимаваше со аукција на слики, потоа стана менаџер, и сега одгледува лаванда. Во тишина на природата, сосема блиску до небото и до птиците.
Кога по дождот, одвреме-навреме ќе блесне виножитото, Лилјана е сигурна дека од другата страна Тоше навива за неа.
Сеќавања: Првата средба со Тоше
Во првите месеци на судбинската, и за Лилјана и за Тоше, 2002 година, Проески ја напиша „Немаш ни благодарам“, беше емотивно испразнет, ја прекина соработката со „Авалон“, и се' повеќе и' се препушташе на музиката. Мислеше дека тоа волшебно патување на чувствата е измислено за да сведочи за осаменоста на луѓето, а потоа беше сведок на огромната радост што му ја даде музиката... На неколку стотици километри подалеку, на релација Атина- Кипар, каде што имаше уметничка галерија, Лилјана беше подготвена за нови страници. Имаше многу слободно време, а толку малку предизвици во животот.
„Се сеќавам кога првпат дојдов во Македонија, беше февруари 2002 година и мојата кума Билјана Крстиќ ме замоли да и' помогнам околу пропагандниот материјал за новото цеде“ - се сеќава Лилјана. „Така слушнав за едно младо момче, вистински Павароти... Им реков да го повикаат, да го слушнам, и дојде - спокоен, убаво воспитан и културен. Имав чувство дека го знам со години, толку ми беше симпатичен. Како помал брат кој никогаш го немав.. Ми раскажа се' за себе, ми даде цеде, ми го спомна Крушево... Бев пријатно изненадена, и најискрено реков дека имам многу врски, и дека можам да му договорам соработка со најдобри грчки композитори. Тој, пак, ми предложи да скокнеме до најубавиот град на светот Крушево за да се запознаам со неговите“.
Кажано-сторено. Во Крушево Лилјана го виде семејството Проески и беше воодушевена од хармонија и од поврзаноста меѓу нив.
„Тоше имаше желба да му бидам менаџер. Ми рече дека така би чувствувал огромна сигурност. Тргнавме како тим и не се оптоварувавме со муабетите... Менаџирањето ми беше предизвик, нешто ново, провокација и најголема желба, па така и одлучив во првиот момент, безусловно. Неверојатно е тоа што со Тоше се споивме и поради истиот начин на размислување. Јас сум религиозна, ама на поинаков начин. За мене Господ е огромна енергија, нешто што го носиме во себе. Сакам да одам во црква за да осетам мир и спокој. Ама мислам дека Господ не е таму, туку во мене“.
Набргу се случи и долгонајавуваната промоција на албумот „Ако ме погледнеш во очи“ во хотелот „Александар палас“ и прво јавно претставување на менаџерката Лилјана Петровиќ.
„На сите новинари им соопштив дека Тоше ќе стане балканска ѕвезда, а потоа ќе се потрудам да биде светска. Така и беше...“. |