20.10.2011, 13:41 (ОБНОВЕНО) Моамер Гадафи е убиен!
Соборениот либиски лидер Моамер Гадафи им подлегна на повредите здобиени за време на неговото денешно апсење во близината на Сирт, соопшти висок претставник на Преодниот национален совет.
ФОТО: AFP
Британската телевизија Скај јави дека Гадафи им подлегнал на повредите на пат кон болницата во Мисрата.
Претходно, командантот на ПНС, Абдел Маџид соопшти дека поранешниот либиски лидер бил заробен утрово при обидот да побегне од Сирт. Првично Маџид инфромира дека Гадафи имал повреди на двете нозе, но подоцна соопшти дека е ранет и во главата.
Според телевизијата „Ал Џазира“, Гадафи бил фатен во реонот на Сирт, во колона од возила која го напуштала градот и била нападната од авиони на НАТО.
Алијансата од своја страна потврди дека нејзини авиони утрово нападнале колона возила кај Сирт.
Мохамед Лејт, командант кој пристигнал од Мисрата во Сирт, претходно изјави дека го видел Гадафи со свои очи. Соборениот лидер бил облечен во маскирна облека и бил со турбан на главата.
Либиската телевизија „Слободна Либија“ тврди дека заедно со Гадафи биле заробени и неговиот син Мутасим, поранешниот шеф на силите за безбедност Мансур Дау, шефот на либиското разузнавање Абдула Сануси, и портпаролот на Гадафи, Муса Ибрахим.
За време на нападот врз колоната возила во која бил Гадафи е убиен министерот за одбрана на поранешниот режим Абу Бакр Јунис.
|