21.10.2011, 15:39 Амнестија за Ахмети по празникот!
Се чека потписот на уште еден обвинител, за да може изјавата за откажување од кривично гонење да се официјализира
Лидерот на ДУИ Али Ахмети и останатите обвинети од водството на ОНА ќе бидат амнестирани, ама за тоа ќе мора да почекаат да помине 23 Октомври-Денот на македонската револуционерна борба.Според најавите од Обвинителството, последното досие од четирите хашки случаи поврзани со воениот конфликт од 2001 година ќе биде затворено во првиот работен ден после празникот- во вторник.
Државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски во изјавата за „Утрински весник“ потврдува дека го добиле преметот од скопскиот кривичен суд кој им го препратил на натамошно постапување .
„Изјавата за откажување од кривично гонење веќе е напишана и е парафирана од двајца обвинители,но недостига уште потписот на еден колега, кој е на службен пат. На првиот работен ден по празникот,тоа ќе биде направено“, нагласува Шврговски и негира дека затворањето на овој предмет премногу се одолговлекувал од политички причини.Тврди дека проблемите биле повеќе техничка природа.
Предметот „Водството на ОНА“ е единствен од четирите случаи,кој не доживеа ни да се заврши истрагата и беше во преткривична постапка, поточно како барање за спроведување на истражни дејства. Утврдувањето на одговорноста на припадниците на поранешното водство на ОНА во конфликтот, а сега високо позиционирани во партиските структури на владејачката ДУИ, беше на самиот почеток и со малку спроведени дејствија.
Четирите хашки случаи почнаа да се затвараат сукцесивно, откако парламентарното мнозинство го изгласа Автентичното толкување на Законот за амнестија во средината на јули оваа година,а како дел од политичкиот договор пред формирањето на новата владина коалиција. Први беа амнестирани обвинетите за малтретирањето на „Мавровските работници“,во предмет кој беше во судск постапка, а потоа и двата случаја со завршена истрага „Непроштено“ и „Липковска брана“.
И покрај тоа што до Уставниот суд се поднесени три иницијативи со кои се оспорува уставноста и законитоста на автентичното толкување,во Обвинителството укажуваат дека тоа нема влијание на спроведената амнестија. (Г.Д)
|