19.10.2011, 14:51 Полицијата употреби солзавец, 70 илјади луѓе на улиците во Атина
Во најмасовниот штрајк што до сега ја зафатил Грција заради мерките за штедење, според првичните проценки, околу 70 илјади демонтранти денеска ги окупирале улиците и плоштадите во Атина.
Полицијата во Атина денеска била принудена да употреби солзавец за да растера група млади демонстранти кои на припадниците на безбедносните сили фрлале запаливи бомби.
Во најмасовниот штрајк што до сега ја зафатил Грција заради мерките за штедење, според првичните проценки, околу 70 илјади демонтранти денеска ги окупирале улиците и плоштадите во Атина. Според извештаите на полицијата, на кои се повикуваат агенциите, големи протести се организирани во Солун, Патрас и Хераклион на Крит.
Синдикатите на вработените во јавниот и приватниот сектор денеска започнаа 48-часовен штрајк кој практично ја парализираше земјата. Овој голем протест е организиран во исто време кога пратениците во парламентот расправаат за новата програма за штедење во која се предвидува намалување на платите и пензиите, зголемување на даноците како и отпуштање на илјадници работници и службеници.
„Напред народе, сега или никогаш треба да ги ��рушиме владата, ММФ и ЕУ“, „Владата мора сега да падне“ се некои од транспарентите што ги носат собраните демонстранти. Синдикатите најавуваат уште помасовни митинзи за вечерните часови.
Традиционално, главниот протестен собир ќе биде одржан на централниот атински плоштад, Синтагма, на кој се наоѓа зградата на парламентот во кој веќе почна дебатата за новите мерки за штедење.
Заради стравувањата од големи инциденти, во Атина и во другите поголеми градови се преземени вонредни мерки за безбедност. Само во престолнината се ангажирани пет илјади припадници на безбедносните сили додека две илјади се во режим на подготвеност.
|