18.10.2011, 15:53 Евтините кредити најрано од ноември
Во ноември македонските компании можат да се надеваат дека ќе се „офајдат“ од евтините заеми, обезбедени преку Европската инвестициона банка, во вкупен износ од 50 милиони евра.
Поконкретно, на крајот на овој месец Македонската банка за поддршка на развојот треба да почне да склучува договори со деловните банки за учество во кредитната линија на ЕИБ. Откако тој процес ќе заврши, кредитите ќе можат да дојдат до фирмите, односно „ќе следи непосредна алокација на средствата кон деловниот сектор, согласно процедурите“, соопшти вчера владината прес-служба, по состанокот на Економскиот совет во Владата.
Македонските стопанственици повеќе месеци ги чекаат поволните кредити од ЕИБ, како една од владините мерки кои треба да им помогнат полесно да ја пребродат кризата. Последниот рок кој беше најавен беше почетокот на септември, годинава, а се чекаше единствено Парламентот да го изгласа законот за задолжување. Оваа кредитна линија следува откако нашите компании веќе целосно ја искористија сумата од 100 милиони евра што претходно беше одобрена. Засега нема промени во условите под кои треба да се користат овие заеми, меѓу кои и каматната стапка, која треба да изнесува 5,5 проценти. Инаку, се планираше оваа нова кредитна линија да го освежи македонскиот бизнис уште пред неколку месеци, но целиот процес беше одложен поради одржувањето на предвремените парламентарни избори. Компаниите и сега „со душа“ ги очекуваат новите поволни кредити. (Н.Н.Ф.) |