17.10.2011, 15:21 Владите, а не коморите да ги решат блокадите со Грција
Комората не знае колкави се загубите, бидејќи нашите фирми не ги кажуваат штетите.
Честите штрајкови на грчките цариници и блокадата на граничните премини не е билатерален, туку регионален проблем и затоа е потребно сите три држави, Македонија, Албанија и Турција, заеднички да побараат од Владата на Грција да се спречи таа состојба.
„Стопанските комори можат само меѓусебно да се допишуваат и да си разменуваат информации, но не можат да ги решат проблемите што произлегуваат од затворањето на границите од страна на Грција. Тоа е работа на владите на Македонија, Албанија и на Турција“, посочи на денешната прес конференција, Љубица Нури од Стопанската комора на Македонија, одговарајќи на прашање какви и колкави се штетите од затворањето на границата со Грција. Таа потенцира дека сите земји од регионот, но и самата Грција трпат штети од блокадите на граничните премини.
„Од нашите контакти со Солунската стопанска комора може да се заклучи дека штета трпат и грчките стопанственици. ’Колку штети имате вие, толку имаме и ние’, велат од оваа комора, но, сепак, сметам дека Македонија трпи поголеми штети. Не би сакале ��а даваме паушални информации и да манипулираме со бројки за тоа колкави се загубите за нашата економија во моментов, затоа што домашните компании не даваат податоци, односно не ги пријавуваат своите штети. Засега само транспортерите излегоа со некои свои пресметки“, рече Нури. Таа потсети дека, според Конвенцијата на ОН од Алма Ата, донесена уште во 2005 година, сите земји- потписнички, меѓу кои и Грција, имаат обврска да овозможат слободен транзит на стоки на земјите кои немаат излез на море. Оваа Конвенција е поддржана и од Светска банка. Сепак, очигледно дека Грција не ја почитува обврската.
Инаку, на денешниот прес од Комората информираа дека трговската размена меѓу земјите - членки на ЦЕФТА во шесте месеци од годинава изнесува 2,5 милијарди долари. Според Сашо Деспотовски од работната група за земјоделство и прехранбена индустрија, Македонија во овој период со земјите од ЦЕФТА разменила стоки во вредност од 205 милиони долари, од кои 120 милиони долари отпаѓаат на извозот на стоки, најмногу на земјоделски, потоа на кондиторски производи и на цигари. Во првата половина од годинава, од вкупната трговска размена со странство, со членките на ЦЕФТА Македонија остварила 28 отсто, за разлика од 2010 година кога овој процент изнесувал 31 отсто. Но, во шесте месеци од оваа година нашиот извозот во ЦЕФТА забележал раст од 27 отсто. (М.Т.)
|