14.10.2011, 13:37 Турска донација во опрема за АРМ, вредна 900 илјади долари
Турскиот амбасадор Ѓурол Сокменсуер денеска му ја предаде на министерот за одбрана Фатмер Бесими донацијата од Република Турција во опрема за АРМ, во вредност од 900 илјади американски долари.
Опремата се состои од 18 теренски возила ландровери, од кои 15 за превоз на персонал и три командни, како и 95 полски телефони и два комплета ноќни визери.
Министерот Бесими изразувајќи благодарност потенцира дека од осамостојувањето на Република Македонија, двете земји имаат воспоставено одлична соработка, а Турција дава исклучителна поддршка за развојот на земјата, демократијата и економскиот просперитет, но и за нејзиното полноправно членство во НАТО.
- Нашата благодарност е многу поголема од кои било бројки. Поддршката на еден пријател значи многу повеќе од пари. Досега над 600 припадници на АРМ ја имале честа да се школуваат и обучуваат во воените школи во Турција, рече министерот Бесими.
Предвидено е, информира амбасадорот Сокменсуер, до крајот на оваа година да се потпише договор за соработка, во рамки на кој ќе се донира опрема за батаљонот за специјални операции и за логистичка поддршка, во висина од 1.150.000 американски долари.
- Ќе продолжи поддршката од Турција за зачленвуањето на Македонија во ЕУ и во НАТО, потенцира амбасадорот Сокменсуер, повторувајќи ја изјавата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган дадена за време на неговата неодамнешна посета на Скопје, дека Македонија е во срцето на Блаканот и претставува клучна земја за мирот и спокојот на овој регион.
Амбасадорот Сокменсуер потенцира дека соработката во областа на одбраната, со досега потпишани 22 воени договора, ја прави една од најразвиените, во рамки на одличните односи меѓу двете пријателски земји. За поддршка на развојот на АРМ, од 1998 година досега вкупниот износ на донации од Турција за македонската Армија надминува 16 милиони американски долари, а се остваруваат и голем број обуки и школувања во турската воена академија и разните родовски школи.
|