14.10.2011, 13:57 Филе: Топката сега е во дворот на Белград
Топката сега е во дворот на Србија, порача денеска во Белград европскиот комесар за прошируање, Штефан Филе, оценувајќи дека 2011. е добра година за реформските процеси во земјата.
Филе истакна дека Европската унија ќе отпочне преговори со Србија за членство, откако ќе бидат подобрени односите со Приштина и ќе се постигне напредок во дијалогот.
Еврокомесарот по седницата на Советот за европска интеграција на Владата на Србија на која присуствуваше ги пофали реформските напори на српските власти, истакнувајќи ја целосната соработка со Трибуналот во Хаг и важните чекори направени во насока на помирување и јакнење на соработката во регионот.
- Ова беше добра година за реформските процеси во Србија и мојата порака кон соговорниците во Белград беше јасна - искористете го досегашниот напредок и продолжете со примената на мерките, рече Филе.
Европскиот комесар не одговори конкретно на прашањето дали Европската комисија има механизам кои би обезбедила и Приштина да биде конструктивна во дијалогот со Белград.
Тој нагласи дека се потребни две страни за нешто да се направи и дека ЕК се обидува да изнајде начин да се направат услови за позитивна атмосфера меѓу Белград и Приштина, со што би се елиминирале едностраните акти и би се продолжило движењето во правец на напредокот.
Премиерот на Србија, Мирко Цветковиќ рече дека ЕУ останува стратешки приоритет за земјата и оцени дека евроинтеграцијата е пат за подобар и посигурен живот на сите граѓани.
Цветковиќ истакна и дека Владата на Србија во последните три и пол години го унапредила политичкиот, правниот и економскиот систем на земјата и во најголема мерка го приближила до стандардите на ЕУ.
- Верувам дека во декември ќе добиеме статус на кандидат за полноправно членство и на тој начин Владата на Србија ќе го исполни ветувањето, кое им го дала на граѓаните, рече српскиот премиер.
Цветковиќ укажа дека Србија со добивањето на статусот на кандидат за членство ќе има пристап до сите делови на буџетот на ЕУ, со што уште еднаш ќе биде покажано дека земјата е безбедна за странски вложувања.
|