19.10.2011, 13:51 Татко го влечел детето 30 метри закачено на кука
Тригодишно дете се здобило со тешки повреди во бизарна несреќа во Кратовско. Татко без да забележи ја зафатил облеката на неговиот син, со куката на автомобилот, додека возел во рикверц.
Потоа со автомобилот тргнал нанапред и продолѓил да го влече детето триесетина метри по патот. Кога се светил и забелеѓал што направил, веќе било предоцна. Тригодишното дете се здобило со тешки повреди, по што веднаш е хоспитализирано.
Оваа несекојдневна несреќа, како што информираат од полицијата, се случила во понеделникот попладне. Тригодишното момче од Трновац околу 19 часот било донесено во Здравствениот дом во Кратово со тешки повреди на телото.
Неговиот татко, И.Д. (31) најпрвин тврдел дека син му го повредил непознат човек, кој со возило влегол во дворот од нивната семејна куќа. Но, при истрагата било утврдено дека тоа не е точно, по што таткото бил повикан на уште еден разговор во полицијата.
Притоа, како што велат во МВР, било утврдено дека инцидентот се случил кога таткото со автомобил „пежо 405“, на кој од задната страна имало вградено кука, возејќи рикверц, го закачил неговиот син за облеката. Потоа тргнал напред и триесетина метри го влечел детето.
„Поради сериозноста на повредите, детето е пренесено во Ургентниот центар во Скопје, а против И.Д. ќе биде поднесена кривична пријава“, соопшти полицијата. (Г.А.)
|