18.10.2011, 14:39 ЕБОР: Ќе забави растот на македонската економија
Иако, македонската економија во првите два квартали оствари добар раст на бруто домашниот производ од над 5 проценти, во втората половина ќе има забавување, со што се очекува годинава растот да биде до 3 проценти, предвидува Европската банка за обнова и развој. Таа во најновиот извештај всушност ја ревидира стапката на раст на БДП за Македонија за годинава од 3,1 на 3,0 проценти. А за 2012 од 3,0 на 2,4 проценти.
Во делот за земјава, ЕБРД наведува дека во првата половина од 2011 година земјата забележала изненадувачки силен раст поддржан од зголемениот извоз. Сепак за второто половина од годината Банката предвидува забавување на растот. Во 2012 година македонската економија ќе продолжи да расте пред се поради зголемената побарувачка и извоз на метали. ЕБОР смета дека кредитната линија за претплазливост од ММФ ќе помогне да се задржи макроекономската стабилност и оти земјата е особено ранлива на кризата во еврозоната и во соседна Грција.
ЕБОР предвидува намалување на растот на економиите на сите земји во регионот, освен БиХ. Вкупниот раст за годинава во регионот ќе биде 1,7 проценти, наместо претходно предвидените 2,3 отсто, а во 2012 година ќе изнесува 1,6 отсто. За годинава ��роекцијата е ревидирана на Албанија од 2,5 на 1,9 проценти, на Бугарија од 3 на 1,6 процент, на Црна Гора од 2,1 на 2,0, на Србија од 3,3 на 2,1 процент и на Хрватска од 1,1 на 0,5 отсто. Раст е предвиден само кај БиХ за 0,1 процент. За 2012 година растот на БДП на Албанија е намален од претходно проектираните 3,1 на 1,0 отсто, на БиХ од 2,5 на 2,3 отсто, на Бугарија од 3,7 на 2,3 отсто, на Црна Гора од 3,0 на 2,6 отсто, на Србија од 4,1 на 2,1 отсто и на Хрватска од 2,8 на 1,9 отсто. Во најновиот извештај ЕБОР ја ревидира стапката на раст на европската економија од 4,8 на 4,5 отсто за 2011 година, а во 2012 година од 4,4 на 3,2 отсто. Кризата во еврозоната најмногу ќе влијае на земјите од Централна и ЈИЕ, а помалку на Русија и другите земји од поранешен СССР.
|