19.10.2011, 11:15 Грција парализирана поради 48-часовен генерален штрајк
Грција денеска ќе биде парализирана поради започнатиот 48-часовен генерален штрајк, организиран од синдикатите против предложениот владин предлог-закон кој предвидува антикризни мерки со кои се врши намалување на платите и пензиите и отпуштање на државни службеници.
За предлог-законот ќе се гласа утре во парламентот. Покрај замрзнувањето на колективните договори и зголемување на даноците, предлог-законот предвидува префрлување на околу 30.000 државни службеници до крајот на годината во „работни резерви“, каде ќе примаат 60 проценти од платата. Предлог-законот предвидува единствен модел за плати во државниот сектор, со што ќе се укинат досегашните бонуси и надоместоци.
Од вчера земјата е во информациски мрак, бидејќи ниту еден државен или приватен медиум не емитуваат информации. Освен новинарите, даночните службеници, општинските службеници, судиите и многу лекари продолжуваат со протестите, започнати во понеделникот. Пристанишните работници го продолжија штрајкот до четврток и се приклучија кон 48-часовниот генерален штрајк.
Денеска сите летови на грчките авиокомпании „Егиан Ерлајнс“ и „Олимпик Ерлајнс“ ќе бидат откажани, а за летов��те на меѓународните авиокомпании се предвидени големи задоцнувања поради штрајкот на авиодиспечерите.
Грчката влада постојано повикува дека доколку предлог-законот со новите мерки за штедење не биде прифатен оваа недела, пред средбата на врвот на ЕУ в недела во Брисел, европските партнери на Грција ќе одбијат да ја одобрат следната транша од спасувачкиот пакет, од кој земјата има потреба со цел да избегне банкрот.
Според официјалните податоци во јули невработеноста во Грција достигнала 16,5 проценти.
|