14.10.2011, 15:25 Се зголемува трговската размена меѓу Македонија и Косово
Како што информира министерот за економија Ваљон Сарачани, кој ја предводи македонската бизнис делегација во Приштина, идната година треба да почне изградбата на патниот правец Скопје-Блаце.
Таргет на македонските бизнисмени е во следните три до пет години двојно да ја зголемат трговската размена со Косово, од сегашните 545 милиони на една милијарда долари. За тоа, како што рекоа на денешниот бизнис форум во Приштина, постои потенцијал. Носечки гранки ќе бидат земјоделството, прехранбената и металопреработувачката индустрија, градежништвото и фармацијата.
- Наша цел е зголемената размена да биде поизбалансирана што подразбира да се намали огромниот трговски дефицит од косовска страна. Само така можеме да воспоставиме економски односи на долг рок, изјави Митко Алексов од Сојзуот на стопански комори (ССК).
Според него, македонските производи и услуги не се поскапи од останатите на косовскиот пазар и се поконкурентни.
- Подготвени сме за настап на косовскиот пазар, но сакаме уште еднаш да им кажеме на властите дека за развој на компаниите и соработката е неопходна добра инфраструктура, рече Сеад Кочан од Комората за градежништво при ССК.
Како што информира министерот за економија Ваљон Сарачани, кој ја предводи македонската бизнис делегација во Приштина, идната година треба да почне изградбата на патниот правец Скопје-Блаце.
Откако Косово забрани увоз на српски производи, извозот од Македонија е зголемен за 25 отсто. Во првите осум месеци годинава суфицитот од македонска страна достигна 340 милиони долари.
Сарачини пред бизнис форумот имаше билатерални средби со косовските министри за економија и за трговија и индустрија, Бесим Беќај и Мимоза Кусари на кои во фокусот беше интензивирањето на соработката особено во делот на енергетиката и инфраструктурата. Во текот на разговорите како приоритетни биле посочени и аграрот, животната средина, поддршката на малите и средните претпријатија, како и областа на социјалната политика.
|