17.10.2011, 11:33 Убиен синот на Гадафи, во Сирт грабежи
Синот на соборениот либиски лидер и командант на елитната воена бригада Хамис Гадафи загинал во борбите југоисточно од Триполи уште на 29 август, пренесе денеска телевизијата „Араи Оруби“ со седиште во Дамаск.
Хамис го загубил животот кога загинаа и шефот на разузнавачката служба на Гадафи и неговиот роднина Мохамед Абдул ал Сенуси во судирите со борците на Преодниот национален совет (ПНС) во градот Тархун на 90 километри југоисточно од Триполи.
За смртта на Хамис медиумите два пати известуваа за време на траењето на судирите во Либија, но веста сега се појави и на телевизијата „Араи Оруба“ која во повеќе наврати емитуваше аудио пораки на Гадафи и зборовите на неговиот портпарол и се смета дека е „наклонета“ кон поранешниот либиски лидер.
Во Сирт, околу кој со недели се водат жестоки судири, се ограбуваат институции, аеродромот и станбените објекти, а камионите натоварени со трактори, индустриски генератори и тешка механизација се видени на патот меѓу Сирт и Мисрата.
Видени се и бројни камиончиња натоварени со теписи, замрзнувачи, ладилници, мебел и друга покуќнина одземена од цивилите и борците на Гадафи.
|