18.10.2011, 11:29 ОН повикаа на примирје за Олимпијадата во Лондон
Обединетите нации упатија повик до сите држави за време на одржувањето на Олимписките игри во 2012 година во Лондон да се воздржат од непријателства и да се придржуваат до шестнеделното примирје.
Во резолуцијата подржана од сите 193 земји членки на светската организација, Генералното собрание на ОН повика на поединечно и колективно придржување до примирјето за време на шест недели, од 27 јули до 9 септември, додека трае Олимпијадата.
Британските дипломати тврдат дека тоа е првпат таква резолуција да биде поддржана од сите членки на ОН. Во резолуцијата не се споменуваат граѓанските војни, ниту судирите во кои учествуваат владини и бунтовнички вооружени сили.
Ваквите резолуции станаа традиција на ОН, бидејќи се усвојуваат секои две години пред одржувањето на летните и зимски олимписки игри.
Традицијата на ваквите примирја постои од почетокот на Олимписките игри во античка Грција, пред околу 2.700 години. Оваа традиција е обновена во 1993 година, иако не е целосно почитувана.
|